Додека во Индија му ги блокираат банкарските сметки и му истекува времето на слобода, премиерот и министерот за финансии го дочекуваат Субрата Рој со најголеми почести наградувајки го со кредит за купување на хотел на охридската ривиера, реагираат од ЛДП.
„Додека владиниот врв му оддава почит на светскиот шарлатан Субрата Рој, обвинет и дискридитиран во својата земја, прилагодувајќи и нудејќи му ги законите, државното земјиште и скопскиот плоштад, жителите на Љубаништа стравуват од експропријација, а МПЦ е под огромен притисок поради одземање на имотот кој е во нејзина сопственост“, изјави на прес конференција Дејан Блажески од ЛДП.
Посочувајќи го договорот на индискиот милијардер кој пред девет месеци го купи хотелот Славија Спектар во Македонија и заедно со министерот Ставрески и неколку владини претставници ветија дека за половина месец ќе дојдат врвни архитекти и инженери кои ќе започнат со подготовките за реализација на проектот Сахаријан Македонија, Блажески нагласи дека „до ден денес не дојде ниту архитект, а уште помалку почна реализација на проектот“.
ЛДП ги прашува премиерот и Владата, дали со ваквото однесување сѐ уште мислат дека граѓаните се наивни и веруваат во приказни од типот „Шехерезада и 1001 ноќ“, или пак со афинитетите кои ги покажуваат кон спорните „пустинските“ компании и инвеститори несвесно признава дека животот во земјава се повеќе личи како оној во пустина?
На македонската јавност, рече Блажески, веќе и е јасно дека зад ликот на Субрата Рој се кријат потписите на новите македонски олигарси.




