Здружението на лекари специјализанти (ЗЛС) ja поздравува измената во Законот за здравствена заштита која се однесува на менување на како што велат „лихварските договори со поповoлни и покоретни услови за специјализирање“.

-ЗЛС изминативе години гласно се бореше за позитивни промени на здравствените политики и подобрување на статусот на специјализантите, а сè со само една конечна цел – ублажување на одливот на лекарите од земјава. Во очи на распишаниот конкурс за државни специјализации, изразуваме задоволство што министерот за здравство и пратениците во Комисијата за здравство во Собранието ја согледаа реалната тежина на проблемот, ја сфатија ургентноста на ситуацијата и потполно соработуваа за негово решавање. ЗЛС исклучиво со граѓански активизам успеа да постави во преден план и да реши неколку приоритетни прашања кои ги засегаа специјализантите, како што се платите на приватните специјализанти, укинување на интермедијалниот испит и видеоснимањето, а сега и менување на лихварските договори, велат од ЗЛС и најавуваат дека и понатаму ќе продолжат активно да ги застапуваат интересите на специјализантите, до конечно остварување на своите цели и мисија.

-Следни приоритетни активности се обезбедување исплата за дежурствата, обезбедување придонеси за приватните специјализати, трансформација на кофинансираните специјализанти, подобрување на квалитетот на едукацијата, соодветно вреднување на докторската работа и активно учество во креирање на новата здравствената легислатива, велат од Здружението на лекари специјализанти и им се заблагорадуваме и на сите медиуми, кои низ целиот процес помогнаа за актуелизирање и решавање на нивните проблеми.

Што предвидува законот

Собранието вчера го усвои Законот за здравствена заштита, односно измените кои докторите ги бараа со години.

– Се укинуваат т.н. лихварски договори на специјализантите. Досега доколку специјализантот ја напуштеше јавната здравствена установа требаше да плати пет или десеткратен износ на сумата која државата ја вложила во неговата едукација во износ од 10.000 до 12.000 евра. Досега специјализантите треба да платат и до 120.000 евра. Се менува и времето што специјализантот треба да го одработи во установата по завршувањето на специјализацијата. За разлика од порано кога беше двапати повеќе, сега е во времетраење еднакво на должината на траењето на специјализацијата, рече денеска министерот за здравство Венко Филипче на прес конференција.

Значајна новина на барање на сите лекари специјалисти од јавните здравствени установи е и воведувањето дополнителна работа. Досегашното наплатување на услуга од дополнителна дејност на докторите се менува целосно, односно зафатот ќе биде покриен од Фондот за здравство, а ќе се наплатува само за ангажманот на докторот и неговиот тим по однапред утврден и одобрен ценовник.

– Со оваа измена во Законот секој кој редовно плаќа осигурување во Фондот за здравствено осигурување ќе може да избере тим кој ќе го лекува. Ова мерка е значајна стимулација за врвните експерти со што точно ќе се разграничи нивото на квалитетна експертиза и ќе биде можност за дополнителна заработка на сите кои работат во јавното здравство. Во тимот учествуваат медицински сестри, болничари, технички и административен персонал, објасни Филипче.

Со измените на Законот се дозволува лекари специјалисти да може да работат во здравствени домови или болници каде што има недостиг, рече ресорниот министер и додаде дека со оваа измена се олеснува пристапот на пациентите до одредена услуга и наместо тие да патуваат до регионалните болници, сега тие специјалисти по систем на ротација и по распоред кој ќе го направи матичната установа, ќе даваат здравствени услуги во помалите здравствени домови.

Филипче нагласи дека важна измена е дека кадарот што е во пензија порано немаше можност да дава консултативни прегледи во своето место на живеалиште, а со измените го нема ова ограничување. На здравствените работници со високо образование кои се корисници на пензија им се овозможува да можат да бидат ангажирани во која било здравствена установа како консултанти и советници на здравствените работници независно од местото на живеење.

– Менаџерскиот испит не ги даде посакуваните резултати и со усвоените дополнувања се бришат одредбите од Законот за здравствена заштита кои се однесуваат на полагањето на испит за директор на здравствена установа, од причина што со полагањето на предвидениот испит за директор и начинот и постапката за негово полагање не можеше да се оцени способноста на лицето за вршење на функцијата директор, додаде Филипче.