Искуствата покажуваат дека и покрај прележаноста, коронавирусот може да остави сериозни последици врз здравјето на луѓето. Замор, немање физичка сила, често гадење, главоболка, опаѓање на косата се само дел од симптомите со кои најчесто се соочуваат оние што прележале ковид-19. Чести се и случаите на покачени параметри на шеќерот во крвта, кои се стабилизираат дури по еден или два месеца.

Од таа причина, лекарата фела веќе подолг период апелира за дополнително отворање на пост-ковид амбуланти се со цел пациентите да не мораат да одат од врата на врата кај неколку специјалисти во различни клиники за да добијат третман за здравствените тегоби.

Доктор специјалист Марија Михајлова, смета дека коронавирусот може да предизвика симптоми кои траат и по неколку недели и месеци по исчезнување на инфекцијата.

– Времето кое е потребно за опоравување од ковид инфекција е различно за секого. Повеќето луѓе се чувствуваат подобро за неколку дена или недели. Но за некои луѓе, симптомите може да траат подолго. Веројатноста да имате долготрајни симптоми не е поврзана со тоа колку сте болни кога првпат ќе заболите од ковид 19, вели доктор Михајлова.

Таа посочува и дека државата треба да размисли дали е време нашиот здравствен систем да размисли за отворање на посебни пост-ковид амбуланти во кои ќе бидат вклучени тимови составени од специјалисти, кои би обезбедиле интегриран извор на поддршка, со оглед на широкиот спектар на потреби кои ги имаат овие луѓе.

– Целта е да не се губи време во лавиринтот на здравствениот систем, заштеди и да им се помогне на луѓето да чувствуваат поголема контрола над нивната состојба и живеат подобар живот, додава Михајлова.

Ваквиот предлог го поздравува и Проф. д-р Драган Даниловски, кој смета дека со нивното формирање пациенти со пост-ковид синдром, кој ќе биде масовна појава во наредните месеци, ќе може да се третираат настрана од пациентите со не-ковид патологија.

– Тоа ќе значи растеретување на обичните амбуланти и непречено обезбедување на редовни здравствени услуги за нив. Но, не само пост-ковид амбуланти. Јас пред некој ден јавно предложив и ковид-амбуланти во секоја општина. Таму да се јавуваат сите граѓани со респираторни симптоми, наместо да доаѓаат во матичните амбуланти и да ги изложуваат на ризик од заразување другите пациенти што чекаат за преглед, вели Даниловски.

Во Скопје, како што вели, сега единствено на располагање е тријажниот центар во ГОБ 8 Септември и Клиниката за инфективни болести и затоа е потребно да има во секоја општина во здравствените домови.

Од Министерството за здравство засега без одговор за ваквото барање од страна на матичните лекари и епидемиолози.

Кон крајот на 2020 година, претходниот ресорен министер информира дека, поради долгорочните последици кои ги остава инфекцијата со коронавирусот и заради се поголемата потреба за рехабилитација на пациентите кои прележале КОВИД-19, Институтот за физикална медицина и рехабилитација со поддршка на министерството подготви еден оддел кој е наменет за пациенти за пост-ковид рехабилитација.

Воедно пациентите кои биле хоспитализирани во Ковид центрите, на пост ковид рехабилитација одат и во Институтот за рехабилитација во Козле

(И.Р)