Пред почетокот на летниот период, Агенцијата за храна и ветеринарство укажува на потенцијалните ризици од појава на труење со храна, како резултат на високите температури.
Од Агенцијата укажуваат дека за да се спречи евентуална појава на труење со храна, неопходно е да се направи правилен избор и нејзина набавка, да се обезбеди соодветен транспорт и услови за чување на храната.
-При купувањето треба да се води сметка за изгледот, рокот на употреба и соодветното чување на храната, да се купува храна од проверени места каде има услови и каде производите, особено лесно расипливите од животинско потекло се чуваат во разладни уреди.
Особено во услови на високи температури, да се избегнува да се купува и консумира храна со оштетена амбалажа (нагмечена, надуена или напукната), разладените или замрзнатите производи да се купуваат на крајот од пазарењето, а лесно расипливата храна како што е месото, млекото јајцата и друго да не се чуваат долго време во автомобили и во други транспортни средства. Да се одбегнува купување на и разладена или замрзната лесно расиплива храна која се чува надвор од ладилник или замрзнувач.
Овошјето и зеленчукот пред консумација темелно да се измијат под млаз вода, месото, млекото и јајцата термички добро да се обработат. Доколку по подготвувањето, храната не се консумира веднаш, таа треба да се чува во фрижидер до времето на сервирање.
За да се спречи појава на труење со храна и на стомачни инфекции, неопходно е рацете да се мијат повеќе пати во текот на подготовката, потсетуваат од Агенцијата.
Кога станува збор за консумирање на храна во угостителските објекти треба да се води сметка тоа да бидат оператори кои водат сметка за хигиената и безбедноста на храната и да имаат добра репутација.
-Во објектите за брза храна одбегнувајте ги додатоците кои не стојат во ладилник како што се мајонез, кечап, крем салати, сосови, преливи и слично.
Посебни услови и за животните
Сопствениците на домашни миленици мора да се придржуваат на неколку правила за да спречат несакани последици од топлотен удар.
-Милениците да не се оставаат во затворен автомобил кој е директно изложен на сонце, да се избегнуваат прошетки на домашните миленици во текот на најтоплиот период од денот. На животните да им се обезбеди доволна количина и постојана достапност до свежа и чиста вода, да се обезбеди престој во проветрени простории.
За да се обезбедат соодветни услови за животните при високи температури потребно е да се внимава и на населеноста (густината) на сместување на животните во објектите. Животните треба да бидат заштитени од директните дејства на сончевите зрачења, односно на испустите потребно е да има настрешници или природни ладовини. Излегувањето на животните да се врши во раните утрински или вечерните часови, периоди кога треба да се организира транспортот на животните или тие да се користат во работни активности, бидејќи тогаш температурите се пониски.




