Либералната партија денеска го повика Министерството за образование и наука да го прекине проверувањето на знаењето на учениците од основното и средното образование по пат на екстерно испитување.
ЛП смета дека со таа активност битно им се наштетува на учениците и на наставниот кадар.
Според партијата – екстерното испитување е механизам што ја обесмислува редовната настава и проверка на знаењето и создава дополнителни потешкотии пред се за учениците, за нивните родители, но и за наставниците.
Во соопштението се истакнува и дека „нема потреба од проверка на знаењето кое е континуирано испитувано во наставниот процес, согласно важечките законски прописи, наставни планови и педагошки стандарди.
„Влијанието на оценката од екстерното испитување е трауматично за учениците и за нивниот вложен труд во текот на целата учебна година, како и за наставниците.
ЛП потсетува дека модерното високо образование воведе периодични, семестарски испити, па нема потреба на далеку помладите ученици да им се воведува систем на годишно оценување.
Со спроведувањето на екстерното испитување Министерството за образование и наука признава дека не е во состојба редовно да ја следи успешноста на наставниот процес. тоа е внатрешен проблем на министерството, а не на учениците и наставниците.
ЛП го разбира незадоволството на граѓаните и ги поддржува протестите на учениците, нивните родители и наставниците против екстерното испитување и го поздравува учеството во протестот.