Либералната партија преку соопштение реагира дека Протоколот на договорот потпишан од четворицата политички лидери Груевски, Заев, Ахмети и Тачи е нецелосен, бидејќи не ги содржи сите важни прашања од кризата
„1. Либералната партија оценува дека во Протоколот кон Договорот од 2 јули 2015 (Протоколот) не се опфатени многу важни прашања од кризата, кои се набележани во Извештајот на Прибе.
Протоколот не се задржува децидно и на оние елементи неопходни за обезбедување демократски и неспорен изборен процес (прочистувањето на избирачкиот список, изборниот модел, пописот).
2. Во однос на прашањата опфатени во Протоколот, очигледни се и одредени недоречености во постапката за остварување на целите на Договорот од 2 јуни 2015 (Договорот), било оние што се јасно декларирани во текстот, било оние што произлегуваат од самата содржина на Договорот и Протоколот.
3. Оттука, Либерална партија смета дека е рано да се слави и повикува на внимателност во опозициската јавност.
4. Според Либералната партија во следниот период практично ќе се види која е вистинската намера на секој од потписниците на Договорот и колку таа е во согласност со целите на разрешувањето на кризата.
На тој начин ќе стане јасно колку секој од потписниците (и партијата што ја претставува) вистински е решен(а) да води сметка за државните интереси, а колку ќе се влечат потези инспирирани од лични и теснопартиски мотиви.
5. Согласно претходно наведеното, имајќи предвид дека Договорот и Протоколот се „спонзорирани“ и „гарантирани“ од претставниците на европските институции, според ЛИБЕРАЛНАТА ПАРТИЈА потребен е перманентен мониторинг на неговото спроведување од страна на гарантите на Договорот и Протоколот, а особено ЕК.
Ова е потребно за да не се упропасти процесот дизајниран од самиот Договор и истиот да не прерасне во уште еден документ со третман на „тоалетна хартија“.
Ваквата обврска еднакво се однесува и на сите политички партии, како и на граѓанската јавност и цивилниот сектор во Република Македонија.“ се вели во соопштението.




