На иницијатива на претставниците на меѓународната заедница денеска ќе се сретнат лидерите на четирите најголеми партии Зоран Заев од СДСМ, Никола Груевски од ВМРО-ДПМНЕ, Али Ахмети од ДУИ и Мендух Тачи од ДПА.
Лидерите ќе седнат на заедничка маса заедно со Џес Бејли, амбасадорот на САД и Аиво Орав, шеф на мисијата на ЕУ во Македонија.
Иницијатори на оваа средба се претставниците на меѓународната заедница за да почне дијалог за решавање на политичката криза.
Средбата ќе се одржи во Клубот на пратениците во 14.30.
Првичната идеја беше Заев и Груевски да се сретнат во Брисел со посредство на европската парламентарна тројка составена од Едвард Кукан, Ричард Ховит и Иво Вајгл. Но поради тоа што Заев не може да ја напушти земјата, предложено е средбата да се одржи во Скопје и тоа заедно со ДУИ и ДПА.
Имало и предлог оваа средба да ја закаже претседателот Иванов, но ДУИ не се согласил со тоа бидејќи оваа партија не го признава претседателот.
Зоран Заев вчера изјави дека нема што да бара на неа, доколку не бидат присутни меѓународни претставници. Образложението му било дека искуството му покажало дека Груевски пред се ваквите средби ги искористува за пуштање преку неговите медиуми на неточни информации за тоа што е договарано или разговарано.
Зоран Заев одлучи да присуствува на денешната средба откако амбасадорите Бејли и Орав потврдија дека ќе учествуваат на неа.




