Денеска во кривичниот суд Скопје 1 беше одржано рочиште на кој се искажуваат завршните зборови. Судењето за случајот „Ликвидација“ беше пропрaтeни со низа забелешки од одбраната за начинот на водењето на судскиот процес.
Адвокатот Филип Медарски, бранител на обвинетиот Кежаровски побара новинарот да биде ослободен од обвинението бидејќи ако биде осуден ќе биде прекршен членот 10 од Европската конвенција за човекови права и член 16 од Уставот на Македонија, објавува Нова Македонија.
„Во првиот објавен текст во месечникот „Репортер 92“ од шести ноември 2008 година, во написот на Кежаровски се вели дека сведокот во случајот Ореше е лице со богато криминално минато, кој моментално е во затворот „Скопје“ поради извршено разбојништво. Во вториот текст, пак, објавен на четврти декември пишува за лице „штипјанецот Златко“ и со тоа лице извесен период се комуницирало на одреден телефонски број. Со овие податоци никако не можел да го открие идентитетот на „Бреза“. Но, ако навистина „Бреза“ бил загрозен сведок, зошто во 2010 година му се дава статус заштитен сведок и во Основниот суд во Велес има таков статус“, нагласи адвокатот Медарски во својот завршен говор пред судскиот совет кој го води случајот „Ликвидација“.
Адвокатот на првообвинетиот Илија Танев нагласи дека од старт била нарушена презумпцијата на невиност сите обвинети со спектакуларното апсење, но и со објавувањето во јавноста на полициските снимки од проведувањето.
– Обвинителството во целиот процес не понуди докази, туку се базираше на претпоставки – нагласи адвокатот на Танев.
Љубомир Михајловски-Џанго, кој е еден од адвокатите на обвинетиот Валентин Зафиров рече дека било за очекување по паушалното обвинение, паушално да биде и објаснувањето на Обвинителството.




