Лидерката на ДОМ, Лилјана Поповска, дел од владината коалиција, засега воздржана околу проектот Луково поле против кој вчера се протестираше во Скопје.
Таа како лидер на единствената зелена партија во земјава не се појави на протестите кои ги подржаа голем број еколошки здруженија, а образложението на Поповска е дека ќе ја почека студијата која ќе содржи проценка на ризиците за животната средина, јавува 24 вести.
Спротивно на тврдењата на екологистите и жителите од дебарско-реканскиот регион на вчерашните протести кои предупредуваа од можна еколошка катастрофа доколку се реализира овој проект, директорот на ЕЛЕМ Дејан Бошковски со сосема поинаков став.
Во интервју за порталот Економски.мк. негира дека на реката Радика и се заканува исчезнување.
„ЕЛЕМ од почетокот работи на проектот Луково Поле според најстрогите меѓународни директиви и стандарди за животна средина. Во тој дел интервенирано е и со измена на дел од проектот и одлучено е Луково Поле да се реализира без Пројфел или длабока река што во основа значи дека пејзажот на планината Кораб ќе остане непроменет.
Вкупната количина вода што ќе се пренасочи од Радика со акумулацијата Луково Поле нема да биде поголема од 1,4 кубни метри во секунда, што претставува 7 до 8 отсто од просечниот проток во река Радика. Во таа насока сосема е погрешно тврдењето на поединци и претставници на некои невладини организации кои пласираат тези дека реката Радика ќе исчезне или дека ќе биде целосно пренасочена кон Вардарскиот слив.“, вели Бошковски во интервјуто за порталот.
Од вчерашните протести жителите од тој регион ја повикаа власта да се откаже проектот за кој е потребна согласност и од соседна Албанија.
Слични протести имаше и во Тирана, а организаторите најавија уште поголеми демонстрации во целиот регион.




