Претставувајќи писмо од директорот на Македонски шуми, Жарко Караџоски, Хари Локвецен од СДСМ посочи дека во Македонски шуми, скандалозно, се бара отпуштање на најмалку 20 вработени.

– Донесена е одлука за престанок на работен однос на поголем број работници, од деловни причини, односно најмалку 20. Дел од нив возачи и инженерски кадар. По налог и со потпис, на директорот Жарко Караџоски, рече Локвенец, надополнувајќи дека во писмото бара од Синдикатот во Кавадарци, да се вклучи во изборот на оние кои ќе бидат избркани од работа.
Локвенец од СДСМ потенцираше дека се работи за истиот Караџоски кој примил 25 луѓе „извлечени во телевизиското шоу на Груевски и Ставрески“.
– До каде оди несовесноста на власта на Груевски покажува ова срамно поигрување со надежта на луѓето, за едно од најболните прашања, егзистенцијата. Дека за извлечените во лотото немало предвидени работни места, ниту обезбедени пари за плати, покажа барањето на Владата до општините, како знаат, да најдат вработувања за некои од наводните среќници. На чија мака се рекламираа Груевски и Ставрески, рече тој.
Локвенец упати барање до премиерот Груевски и вицепремиерот Ставрески да одговорат дали се запознаени со барањето на Караџоски, и дали се одзема егзистенцијата на едни граѓани, за да бидат задоволени партиски апетити на други.
СДСМ бара Груевски и Ставрески да излезат пред јавноста и да и ги објаснат и рекламните вработувања и реалните отпуштања.




