Ивон Величковски од Либералната партија побара забрана на употребата на знамето со сонцето од Вергина на јавни настапи, партиски митинзи, спортски натпревари и на сите манифестации од јавен карактер.
Со предлог закон до собранието, Величковски очекува поддршка од сите политички субјекти.
Тој посочи дека овој предлог закон доаѓа во многу чувствителен момент, кога се бара конечно решение на проблемот со името со Грција, а со ваков закон ќе се покаже гест на добра волја.
Предлогот на Величковски експресно го поддржаа од НДП на Руфи Османи. За нив предлогот е коректен и е за поздравување и посочија дека се надеваат дека сите партии едногласно ќе го поддржат.
ЛП бара употребата на симболот да се забрани во Кабинетот на претседателот, во канцелариите на функционерите, на јавните манифестации организирани од државните институции или политичките партии, воспитно-образовните установи, верските и религиозните групи, здравствените установи, невладините организации и медиумите.




