Скандал на Управата за јавни приходи (УЈП) нема, туку станува збор за случаи на незаконско работење на даночни обврзници за што веднаш ги алармиравме надлежните институции, изјави Сања Лукаревска, директорка на УЈП, во вечерашното гостување во емисијата „360 степени“ на ТВ Алсат М.

„Горда сум што веднаш алармиравме по откривање на небулозни дејствија на даночни обврзници. Затоа не можам да дозволам да се зборува за скандал на УЈП, туку станува збор за скандал со незаконско работење на даночни обврзници што се сопственички поврзани и кои ги менаџира едно исто сметководствено биро“, рече Лукаревска одговарајќи на прашање за случајот со малверзации со ДДВ, кој во јавноста го обелодени ВМРО-ДПМНЕ, тврдејќи дека во него се вмешани високи функционери од власта.

Таа не откри дали со овој случај е оштетен државниот буџет за 20 до 30 милиони евра, како што тврдеше лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски, бидејќи, како што рече, не сака да ѝ наштети на предистражната постапка што ја води Обвинителството.

„Станува збор за неосновано даночно побарување, односно нешто што го попречува функционирањето на Законот за данок на додадена вредност, во врска со Законот за даночна постапка. Сѐ уште не можеме да ја кажеме точната сума на пари, бидејќи откако го утврдивме сомнежот што го имавме, веднаш ги презедовме сите дејствија кои нѝ се овозможени како инстутиција. Уште на 21 јули лани го известивме МВР дека имаме сомневања, а потоа во октомври доставивме уште еден допис за да ги наведеме сите поединости и за даночни обврзници и за дејствија кои се преземаат, какви чекори се прават и понатаму имавме уште едно надополнување на овие две барања“, изјави Лукаревска.

Лукаревска вели дека станува збор за комплициран случај, кој е подолг и пообемен за работа.

„За ваков тип на истраги треба навистина долго време, затоа што станува збор за документација за гледање на други поединости потребни за целата постапка. Така што, ова не може да оди баш набрзина, за да се утврди вистината. Да не заборавиме дека станува збор за соработка меѓу компании и институции. Затоа прво треба тој јаз да го надминеме, тие финансиски истраги се подолги и пообемни. Имаме увид до каде е предистрагата, да оставиме оние што го работат предметот да ја информираат јавноста. Ние, на некој начин, бевме само информатори, алармиравме и побаравме помош од институциите кои ги имаат надлежностите за да спречиме такво незаконско даночно работење“, рече Лукаревска.