Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

Емил Цветанов: Федерацијата работи во интерес на сите клубови и спортисти подеднакво

November 19, 2026

Украинската амбасадорка Дир: Милиони животи се загрозени поради студот и темнината

October 30, 2026

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

Љупчо Ристески: Семето на современиот македонски национален идентитет

0
By Нова ТВ on May 22, 2020 ВЕСТИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Friday, May 22, 2020 10:56

Автор: проф.Љупчо Ристески, Институт за етнологија и антропологија

Дискусиите за раѓањето на модерниот македонски национален идентитет во речиси сите досегашни истражувања во и за Македонија се фокусираат на периодот на 19 век и почетоците на националните движења во Османлискиот општествен и државен контекст како и во поширокиот европски контекст, во кој веќе се случила модернизацијата и биле создавадени современите европски држави.

Овој период, во историографиите на балканските држави се нарекува преродба (мак. ), препород (срб.), възраждане (буг.), rilindja (алб.), Diafotismos  (грч.) или возродуанін’е (според К. Мисирков)  и кој, единствено денес може соодветно да се разбере ако се разгледува во поширокиот контекст на Османлиската империја во периодот пред и по Танзиматот.

Ова време е уште наречено и „нова ера“, бидејќи во современите историографии се смета како период во кој започнале повеќе востанија и национални движења во Империјата, а што довело до создавање на новите балкански држави. За Османлиската Империја овој период се смета за време на реформи, главно толкувани како „европеизација и промоција на европските модели“.

Овие процеси биле важни предуслови што овозможиле организирање на националните движења и, речиси, целосен пресврт во натамошното профилирање на модерните европски национални идентитети на Балканот.

Постојаниот пад на империјата, на некој начин, го надополнил подемот на националните будења и на национализмот меѓу нејзините христијаните. Демократските, либералните и националистичките идеи започнале да се инфилтрираат и развиваат на Балканот како резултат на рефлексиите од политичките, општествените и просветните влијанија од Западот кон крајот на осумнаесеттиот век. Членовите на сè уште малата, но растечка средна класа и на новите интелигенции на балканските народи чувствувале сè поголема отуѓеност од  status quo во кој се наоѓала Османлиската држава, така што започнале да се обидуваат да ја отфрлат.

Во XIX век, новонастанатите национални движења во регионот тврделе дека ги претставуваат барањата и потребите на сопствените народи. Во сите случаи, крајната цел била борба за ослободување и воспоставување на независни национални држави кои, како резултат на интервенциите на големите сили во најголем дел биле успешни, но за жал не и за македонското национално и ослободително движење, чијшто стремеж било создавање македонска држава.

На Берлинскиот Конгрес во 1878 година Србија, Црна Гора и Романија биле прогласени за независни држави. На овој Конгрес, исто така, било санкционирано формирањето на автономно бугарско кнежество, кое, пак, во 1885 година ја анектирало Источна Румелија кон себе, а потоа прогласило целосната независност.

Како резултат на тоа, по Берлинскиот Конгрес во 1878 година, Османлиската Империја го задржала суверенитетот на Балканот само на просторот помеѓу новоформираните држави- Грција, Црна Гора, Србија и Бугарија.  Регионите Епир, Албанија, Косово, Македонија и Тракија останале во рамките на Османлиската Империја.

                                   Македонија- најпосакувана за соседите

Македонија во рамките на Османлиската Империја станала најважна и најпосакувана за соседите. Сите три соседни земји избрале да тврдат дека полагаат право на земјата и народот кој живеел во неа, такашто веќе до 1870 година натпреварот „за срцата и душите на словенското мнозинство“ почнал да добива невидени размери. Така, борбата, која започнала како војна на пропаганди, на образовните, културните и верските институции, станала пред 1900 година војна помеѓу вооружени групи и, за време на Балканските војни од 1912–13, војна на постојани војски.

Главните жртви се броеле помеѓу локалното население во Македонија, а неизбежниот исход било освојувањето и поделбата на земјата со сила на оружјето во меѓусебната, или т.н. Втора балканска војна во 1913 година.

Националното будење на словенското мнозинско население во Македонија, кое го усвоило името на земјата, регионот Македонија, како свое национално име и симбол, и го преферирало повеќе отколку имињата на соседните земји, започнало во текот на 19 век, и можеби, малку побавно и понесигурно отколку она на соседите, сепак, да се профилира на свој специфипчен начин, како самосвојно, македонско сознание.

Словенската фаза во македонското будење започнала во прва четвртина од деветнаесеттиот век. До 1860.години се забележува сосема јасно препознавање на македонска самосвест и идентитет. Еве како преродбеникот Ѓорѓија Пулевски гледал на прашањата за народноста и татковината на Македонците и за словенскиот карактер на македонскиот јазик во објавениот Речник од три јазика во 1875 година во Белград:

„Пи. Што се вељид народ.

Одг. Народ се вељид, људи који се од еден род и који зборувајед еднаков збор, и који, живувајед и се другарад еден, со, други, и који, имајед, једнакви, обичаји и песни и весеља, тије људите ји викајед народ а место, во које живувад, народ, се вељит отечество, од тои, народ. Така и Македонциве се народ и местово њивно је Македонија“ (Пуљевски 1875: 48-49)

„Пи. А славјанскијот јазик аљи је секаде, еднаков, или не кажими, со ред.

Од. Славјанскиојод, језик, имад пет разљике.

Пи. Који се тије разљики кажими соред.

Од. Тије се руски, хрватски, бошњачки, бугарски и македонски.

Пи. Који јазици се наљик еден со другијод, однапред речените.

Од. Рускијод и бугарскиојод најбљизу се.

А хрватскиод, и бошњачкијод и македонскијод наибљизу се.

Пи. А макдонскијод јазик, кога је, бљизу, со бошњачкијод зашто се именувад с.македонски дека, с.македонскијод, јазик је, најсродан, со црквено, славјанските, књиги, и тои је старославјански. (Пуљевски 1875: 40)

„ Пр. Мије каков јазик и како го вељад, нашево, зборување, од македонија.

Одг. Мије славјани који се наодвме од македонија на јужноисточни, краи, јевропа од шар до доспад, старославјани сме, и нашијов јазик, се вељид мијачки, које значи чист разговор(Пуљевски 1875: 41).

Во 1886 година, Иван Аксанов, истакнат раководител и вдахновител на словенофилското движење, „ги поттикнува Македонците да се борат за својата национална еманципација и да го издигнат својот јазик на степен на литературен“, со објаснување дека македонското наречје „е побогато од бугарското и поблиско до нашето?“ (руското – забел. Љ.Р.), што „ќе нѐ приближи и ќе нѐ сврзе посилно“.

                     Македонската емиграција се организира за преродба

Проучувањата на истражувачите на словенските јазици и култури кои ги препознавале посебностите на македонскиот народ и на јазикот влијаеле и врз организирањето на македонската емиграција во Бугарија кон крајот на осумдесеттите години од 19 век како и на македонската емиграција во Србија во „македонцки национални научно-литертурни другарства“ во чии рамки дејствувал и Ѓорѓија М. Пулевски, претседател на  Словенскомакедонската книжевна дружина во Софија, која била организирана „со основната цел да ја прероди народната македонска литература“.

За разлика од другите национални движења и национализми на Балканот или, воопшто, на национализмите во централниот и источниот дел на Европа, македонското национално чувство и  национализам се развивале без помошта на правни, политички, црковни, образовни или културни институции, бидејќи не успеале да формираат своја држава. Македонските движења не само што немале правна инфраструктура, туку немале ниту меѓународна помош или пак разбирање за нив, од пошироката меѓународна јавност и големите сили.

Сепак, влијанијата на соседните држави кои започнале да се натпреваруваат за Македонија и за „срцата и умовите на својот народ“придонеле македонското самочувство да добие специфична динамика, но и одредени флуктуации.

Во ноември 1886 година, францускиот конзул во Солун пишува за пролиферацијата на „бугарските училишта“  и „просветното будење“ што ја ставило на некој начин на проверка хегемонија на Грците, кои биле навикнати на позицијата на супериорност во културните работи благодарение на нивните училишта и влијанието на грчкото православно свештенство.

Во тоа време и грчките и бугарските образовни институции наликувале едни на други, секоја од нив потпирајќи се повеќе на верскиот естаблишмент, отколку на световните институции.Оттука, ривалството меѓу двата образовни система тесно го осликувале незгодниот однос меѓу бугарската Егзархија и грчката патријаршија што резултирало со раскол во 1872 година, а само две години подоцна и со формирање на Бугарската егзархија со декрет на султанот.

Силни просветни и културни влијанија имала и Србија полагајќи силно право врз земјата Македонија, третирајќи го локалното население како српско. Политиката на културен и просветен натпревар низ пропаганди станала своевиден пристап на балканските држави кон Македонија и Македонците.

За ситуацијата на теренот и влијанието на образовните институции во преобразбата на идентитетот на Македонците во Македонија, К. П. Мисирков пишува:  „Ιедни села имаат србцки, друзи бугарцки сколиіи. Едни сел’ани со нивните учители и попои признават патриархіата и сет под покровителството на србцки или грцки консули, а друзи признаваат бугарцкиіо екзарх и слушаат бугарцкиіо трговцки агент. Сѐ тоа сет факти за дипломатиіата, коіа шчо имат да се броіит со деіствителноста, а не со теориіата за народноста на македонците“ (Мисирковъ 1903: 5)

Егзархијата доставувала список на назначени наставници пред локалните цивилни власти, кои потоа вршеле проверка со цел да видат дали наставниците „доверливи“ поединци. Учебниците биле предмет на проверка од страна на специјално создадена канцеларија за оваа намена, имено, од инспекторот на бугарските училишта.

По Илинденското востание, нивото на надзор значително било засилено. Инспекторот имал детални регистри на бугарски наставници, вклучително и нивните имиња, местата на раѓање, состаноците што ги имале во минатото и какви било информации за нивните врски со „Комитетот“, кои потоа биле доставувани до Инспекторатот. Тука, сакам да истакнам дека образовната политика на егзархиските училишта и на егзархиските учители била строго контролирана и во духот со бугарската националистичка политика.

Во овој поглед, руските конзули во Македонија одиграле голема улога во поддршката на бугарските егзархиски училишта како и во обезбедувањето на образование на младинци со потекло од Македонија во Русија, кои наместо дотогашната грчка афилијација, граделе приврзаност кон бугарската кауза.

Со цел да се сплотат сите незадоволните елементи во Македонија и Одринско, што сè уште биле дел од Османлиската држава, била организирана револуционерна организација во која требало да се вклучат сите без разлика на нивната националност и со револуција да извојуваат целосна политичка автономија за двете области. Организација набрзо станала жртва на силните пропаганди и влијанија, профилирајќи, од една страна, ставови за независна македонска држава и македонскиот народ и ставови, од друга страна, поблиски кон идеите за бугарскиот карактер на движењето со цел спојување на Македонија со Бугарија.

                                    Што пишуваше Крсте Мисирков

Треба да се истакне дека и покрај сите државни стратегии на соседните земји, профилирањето на македонскиот национален идентитет и македонскиот јазик добиле сосема јасен израз. Тоа најелаборативно, соодветно на времето во кое овие идеи се создавале е изразено во делото на К. Мисирков, кое освен идеолошки, имало и практичен, односно применлив карактер.

К. Мисирков освен тоа што ги дал теориските основи, врз теренски податоци, на современиот македонски национален идентитет, тој ги воспоставил и првите лингвистички основи за кодификација на современ македонски јазик и граматика, се разбира врз основа на сознанијата на карактерстиките на македонските наречја и говори.

„Како последуач на идеіата за полно отдел’аін’е на нашите интереси од интересите на Балканцките народи и за самостоіно културно-национално развіаін’е’, іас и іе написаф на централното македонско наречіе, коіе за мене от сега на тамо имат да бидит литературен македонцки іазик. /… / Ни и при тоа се надеіам, оти за македонците таков іазик ке бидат по приіатен и по звучен, од іазико на нашите суседи, со коіи ниіе сега за сега се дигаме на големо.“(Мисирковъ 1903: XI)

Во врска со определувањето на категоријата народ и народност, К. Мисирков пишува:

„ Народот не іет нишчо друго, осим іедно големо другарство, осноано на крвно родство, на опшч произлез, на опшчи интереси.

Паметуваін’ето на тоа родство, тоіа произлез и тиіе интереси, заставуат секоі член од некоі народ, да се одречит од некоіи своіи праа и интереси за да посветит част од своите сили на опшчата арнотиіа.

Тоа іет долгот кон народните интереси, за шчо членот од народноста добиіат зашчита на своіите лични интереси тамо, каде не се сет достасамо неговите сили“ (Мисирковъ 1903: III)

Свесен за употребата на термините Бугари и бугарско во Македонија, К. Мисирков дал свое видување, а кое главно го лоцира во грчко -бугарските односи во тоа време, чијашто цел на грчката политика била да се презре сѐ што е словенско на Балканот.

“Бугарцкото име во Македониіа значит  іет резултат на лошото третиран’е на македонците от страна на грцкото дуовенство. Грците ја унишчиіа Охридцката архиепископиіа за тоа, шчо се упоминуаше името ’бугарцка‘, како историіцки reliqium, но употребуваа името бугарин за да воплотат во него своіето презреін’е кон сѐ словенцко. И имено тоа воплотеин’е на грцкото презреин’е кон нас и іет причината да се велиме ’бугари‘, а не историіките традиции“ (Мисирковъ 1903: 125).

Говорејќи за македонскиот национален идентитет Мисирков основите ги става врз македонскиот народен јазик, а како образуван истражувач, но и како маркантна, влијателна личност во Македонија од тој период, свесен за посебноста на македонската јазична заедница, Мисирков точно ја лоцира иницијативната каписла за активирање на процесот што самиот тој го нарекува „национално самосознавање“ во Македонија:

„ Секоі народен  іазик има своіа историіа. …своіа историіа и своиіи современи вариациіи  или диіалекти , поддиіалекти и пр. Своиіа историіа и вариіации има имат и нашиіот  іазик. По таа историіа можит да се изучит, како сегашните вариациіи се добиіа од по стари и последните од іеден опшч македонцки азик, а тоі од  іедна  іужно-словенцка група. (…)

Благодареін’е на приликите сега ниіе си избираме опшч литературен іазик, централното македонцко, т.е. Велешко-Прилепцко-Битол’цкоОхридцко наречіе  (…) Около централното наречіе требит да се групираат сите наши научни и литертурни сили, за да го очистат и обогатат со сокроишча од друзите македонцки наречиіа и да создадат од него іеден убав литературен азик. На него требит да се создадит іедна богата сколиіцка, научна и убаа литертура, за да можит преко ниф да се раширит низ цела Македониа во вид на литературен іазик, коі шчо ке ізместит од неіа пропагандцките іазици“ (Мисирковъ 1903: 137-139)

К. Мисирков освен тоа што во своите трудови особено значење му давал на јазикот, прашањето за верата го сметал како исклучително значајно во процесот на национално осознавање, којашто, пак, била тесно поврзана со националните пропаганди:

„Православиiето, наiстарата, наiраспространената и основната религиiа на сите македонцки народности, за сожал’уаiн’е, сосим изгубило од видот своiата главна цел’а да сеiит братство мег’у народите(..) На место тиiе благородни задачи праославиiето сеiит само раздор и ненавист. (…) Праославиiето во Македонија сега iет до толку искажено, шчо и не можит да бидит реч, за една праославна црква – сега тамо имат 3 цркви, но не православни, а: грцка, бугарцка, србцка“. (Мисирковъ 1903: 22)

Согласно настанатата ситуација, К. Мисирков предлагал:

„Ако религиозните пропаганди се постараiат да побркаат на здружуаiн’ето на македонцката интелегенциiа i македонцкиiо народ мег’у себе, то прво нешчо, коiе ке се потребат, тоа iет, да се образуат во Македониiа. Едина, Соборана и Апостолцка црква  т. е. да се возстаноит Охридцката Архиепископиiа, коiа шчо ке бидит  „Архиепископиiа всеiа Македониiи” (Мисирковъ 1903: 23).

Така, од денешна перспектива може да се каже дека дефиниенс на појавата, создавањето, постоењето, развојот и трансформациите на современиот македонски национален идентитет е постојаната сомничавост кон него, како и константно негирање од страна на соседите, во одредени периоди посилно, во други послабо. Ова, се разбира, во поширокиот балкански и европски контекст му дава посебно значење и место на македонскиот национален идентитет и на неговата непобитност.

Текстот на проф. Љупчо Ристески е објавен по барање на НОВА, како придонес во дебатата за македонско-бугарското прашање

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

 

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

Почнува смената на власта во Србија: Конститутивна седница на Народното собрание

November 17, 2026

КЛИМАТСКИ РОЛЕРКОСТЕР – серија текстови на Зелен ЦИВИЛ: Есента се менува, градовите се загреваат

November 14, 2026

Скопскиот филмски фестивал продолжува да го менува културниот пејзаж на градот

November 12, 2026

КРВАВ МАСАКР ВО КРАКОВ: Шестмина убиени на плоштадот, три тела пронајдени во домот на напаѓачот

November 8, 2026

„Блунами“ во САД: Нов инфографик на ЦИВИЛ МЕДИА за изборниот пресврт и последиците за Трамп

November 4, 2026
shortcut
ФОКУС
September 30, 2026Updated:September 30, 2026

Мицкоски пред средбата со Фон дер Лајен: Подготвени сме за разговор и решение, обврските ги наследивме од претходната власт

ПОЛИТИКА September 30, 2026

Претседателката на Европската комисија Урсула фон дер Лајен в петок, 2 октомври, ќе престојува во…

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

August 29, 2026

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026
ТИКЕР

Почнува смената на власта во Србија: Конститутивна седница на Народното собрание

November 17, 2026

КЛИМАТСКИ РОЛЕРКОСТЕР – серија текстови на Зелен ЦИВИЛ: Есента се менува, градовите се загреваат

November 14, 2026

Скопскиот филмски фестивал продолжува да го менува културниот пејзаж на градот

November 12, 2026

КРВАВ МАСАКР ВО КРАКОВ: Шестмина убиени на плоштадот, три тела пронајдени во домот на напаѓачот

November 8, 2026

„Блунами“ во САД: Нов инфографик на ЦИВИЛ МЕДИА за изборниот пресврт и последиците за Трамп

November 4, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.