Три лица од кандидатите за советници и градоначалници се наоѓаат во евиденцијата на Комисијата за верификација на фактите, изјави за МИА портпаролот на Комисијата, Предраг Димитровски.

Дали трите лица биле соработници на тајните служби ќе се дознае денес по закажаната седница на која ќе се изјаснат членовите на Комисијата.

– Комисијата за верификација на фактите ја исполни обврската и во предвидениот рок ги испрати до Управата за безбедност и контраразузнавање, Државениот архив, Агенцијата за разузнавање и Воената служба за разузнавање при Министерството за одбрана проверените кандидатски листи, односно на 6.339 лица-кандидати за носители на јавна функција како советници и градоначалници, рече Димитровски.

Ова е првпат Комисијата за лустрација да биде директно вклучена во изборниот процес. На минатите локални избори кандидатите поднесуваа изјави заверени на нотар дека не биле соработници на тајните служби и ги доставуваа во ДИК со оглед дека тогаш Комисијата за лустрација не беше формирана и не функционираше, додаде портпаролот на Комисијата.

– Дали и колку известувања ќе дојдат од четирите надлежни институции ќе видиме следниве два-три дена, меѓутоа членовите на Комисијата се тука да одлучуваат по сите известувања евентуално што ќе бидат добиени, истакна портпаролот Димитровски.