Државниот санитарен и здравствен инспекторат донесе забрана за лекување со препарати од областа на комплементарната и алтернативната медицина од Друштво за здраво живеење со енергетска терапија „Парацелзиус“ бидејќи немале дозвола од Министерството за здравство за продавање лекови директно на пациенти. По контролата и извршениот инспекциски надзор од ДСЗИ за состојбата ќе ги информираат МАЛМЕД и Управата за јавни приходи, како надлежни институции за постапување во овој случај.
Причината што инспектори од ДСЗИ влегле во овој комерцијален објект во Влае е пријавата од Анастасија Петровска од Битола која пред еден месец го изгубила својот син Константин кој боледувал од редок тип на карцином, а пред два дена на нејзината врата стигнала пратка со лекови од алтернативна медицина. Станува збор за ампули Хеликсор-хербален лек кои ги користел како алтернатива кратко пред неговата смрт.
Во изјава за НОВА, Петровска потврди дека пратката била испратена од „Парацелзиус“ кој и ги испратиле препаратите иако ден по смртта на синот, на 1 август биле информирани дека Константин починал при што им објаснила дека ампулите во вредност од 80 000 денари веќе не им се потребни. Всушност, таа вели дека, биле притиснати да ја купат и оваа терапија во време кога не била потрошена ниту првата доза.
„Не беше потрошена ниту првата доза од терапијата која ја плативме 36 000, кога ми се јави сопственичката др. Силвана Пехмалер и ми рече дека мора да ја донесе и втората доза од Германија бидејќи лековите ќе ги носи со приватно возило и дека втората доза чини 80 000 денари. Парите ги уплативме на 23 јули, а уплатницата беше лично на нејзино име, не на фирмата. Синот почина седум дена подоцна, за што беа известени ден подоцна кога им кажавме дека лековите не ни се потребни “, вели за НОВА, Петровска.
Но, иако знаела дека младиот човек починал, еден месец по смртта на Константин, сопственичката на фирмата сепак одлучила да им ги прати ампулите по пошта. И не само тоа, Петровска вели дека ги прекинала контактите со нив, не се јавувала на телефон и не сакала да им ги врати уплатените 80 000 денари.
„ Прво ни рекоа дека постепено ќе ни враќаат парите, како што ќе ги продаваат, а потоа се предомислија и рекоа сами да ги продаваме ампулите. Ние не го примивме и веднаш го вративме пакетот. Сопственичката повеќе не контактира со нас, не се јавува на телефон повеќе. Како смееме ние да ги продаваме лековите, зарем тезга треба да отвориме на пазар, како можеше да ни го каже тоа“, со солзи во очите прашува, Петровска.
Таа и нејзиниот сопруг веднаш ангажирале адвокат, кој пратил опомена пред тужба на „Парацелзиус“, а случајот го пријавиле прво во Битола, а потоа и во ДСЗИ во Скопје, како и во сите други надлежни институции.
Во МАЛМЕД потврдија дека ампулите Хеликсор се регистрирани во државата, но не објаснија кои се условите за внесување на вакви препарати во државата и дали фирмата исполнува услови за веледрогерија, а од ДСЗИ потврдија дека немаат право да лекуваат пациенти во обична канцеларија.
Надлежните кои го испитуваат случајот велат дека препаратите најверојатно биле внесувани нелегално бидејќи тоа треба да го прави овластен дистрибутер. Згора на се, Петровска нагласува дека ампулите требало да се носат во фрижидер и за нив било потребно да не се прекинува ладниот ланец. Како и дали смеело да се внесуваат со приватно возило треба да утврди МАЛМЕД.
Инспекторите од ДСЗИ, влегле во објектот но сопственичката, (која не била лекарка како што се преставувала, туку медицинска сестра) не била присутна таму. Вработената рекла дека заминала во Германија. Фирмата имала еден фармацевт, но не и фармацевтски техничар како што налага законот.
„ На ден 30.08.2019год. до ДСЗИ во Битола добиена е усна пријава од родител на починато лице за набавка и наплата на лекови, ампули Хеликсор донесени нелегално од странство од страна на Друштво за здраво живеење со енергетска терапија „Парацелзус“. На ден 02.09.2019год. извршен е вонреден инспекциски надзор од страна на ДСЗИ во Карпош во просториите на друштвото при што е констатирано дека истото работи со решение од МАЛМЕД од 2016 година за дејност трговија на големо со лекови, како и решение од АХВ за трговија на големо со додатоци во исхрана како и решение од ДСЗИ за исполнети услови за деловен простор.
Со оглед на тоа дека од страна на посочениот правен субјект се вршат услуги во функција на подобрување на здравјето на лицата кои се обраќаат до нив и им се обезбедуваат лекови-препарати за алтернативно лекување, а за кое нешто немаат дозвола од Министерството за здравство, од страна на ДСЗИ ќе им биде издадено решение за забрана за пружање на услуги од областа на комплементарната и алтернативната медицина. По извршениот инспекциски надзор ДСЗИ ќе ги информира и останатите надлежни институции за постапување во овој случај и тоа МАЛМЕД и Управа за јавни приходи“, потврдија за НОВА, од ДСЗИ.
Константин боледувал од редок тип на агресивен сарком на меките ткива, се лекувал и во државата и во Италија, но болеста се проширила на белите дробови. Во очај, преку социјалните мрежи, Петровска дознала за фирмата која ги продава хербалните ампули и со сопственичката(преку преписка на фејсбук)се договориле да ја прати првата доза, во вредност од 36 000 денари. Младиот човек не успеал да ја прими до крај првата доза, починал од тешката болест.
НОВА побара информации за „Парацелзиус“, но не најдовме податоци за препаратите кои ги продаваат, ниту за начинот на нивната работа, кога и каде се сретнуваат со пациентите, како ги лекуваат, им бараат ли дијагноза, а со пребарување на интернет не најдовме ниту нивна веб страна.
Познавачите на проблематиката велат дека во Законот алтернативна и комплементарна медицина кој беше донесен во 2015 година има пропусти и не се знае кој треба да врши контрола на овие установи што секојдневно лекуваат болни луѓе.