Ниту има простор за паника, ниту се очекува сериозно ширење на мајмунските сипаници во Македонија, порачуваат од Комисијата за заразни болести (КЗБ). Досега во земјава се пријавени два суспектни случаја на вирусот – мигрантот кој е хоспитализиран на Клиниката за инфективни болести е негативен, додека пациентот од Кичево одбива да се тестира.

Претседателот на КЗБ, Александар Петличковски во изјава за медиумите денеска посочи дека на пациентот од Кичево му било понудено да се тестира, но тој одбил и дека не постои законска можност да го присилат на тестирање.

„Здравјето е колективна, но и индивидуална одговорност на сите жители во државата. Овој случај се јавил на доктор завчера и веднаш е остварена комункација со лекари од Инфективната клиника и со епидемиолози. Оставено е сомневањето врз основа на клиничката презентација. Понудено му е тестирање што тој го одбил и не се пријавил за натамошно лекување. Известени се надлежните служби од Битола, а во случајот е ангажиран и матичниот лекар. Епидемиологот двапати бил на местото на живеење на пациент, разговарано е со членовите на семејството и објаснето е дека тестирањето е најдобро решение“, изјави Петличковски.

На денешниот состанок на КЗБ е донесен заклучок да се достави предлог до министерот за здравство Беким Сали за здравствен надзор на лицето кое одбива да се тестира.

„Очекуваме во текот на наредните денови да имаме разрешница“, изјави портпаролот на КЗБ, Злате Мехмедовиќ, кој појасни дека со овој предлог и со помош на Државниот санитарен здравствен инспекторат и МВР ќе биде лоцирано лицето и ќе биде тестирано.

Во однос на вториот случај за којшто се покажа дека е негативен, разговарано е со лицата кои биле во близок контакт со него пред да се направи тестот, но со оглед на негативниот резултат, од Комисијата велат дека нема потреба од спроведување на натамошни мерки.

Во Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), како што соопшти Петличковски, има околу 3.300 тестови за мајмунски сипаници. Тој појасни дека доколку некој има симптоми на мајмунски сипаници, првично треба да го контактира матичниот лекар, а потоа ако има сомнеж за присуство на сипаниците ќе биде препратен на Инфективната клиника.

„Пациентите со мајмунски сипаници се заразни кога ќе им почнат симптомите. Симптомите можат да бидат осип, болни лимфни јазли, покачена температура. Најзаразен е секретот од кожните промени и затоа пустили можат да бидат покриени, кога лицето треба да оди на лекар. Од тука нема задолжително изолирање ниту на пациентите, ниту на контактите“, додаде Петличковски.