Македонија и на овој Евробаскет својата приказна ја започнува со пораз против истата селекција со која го започна Европското кошаркарско првенство во Литванија. Сепак финишот на натпреварот ќе биде под лупа на делегатите.
Со вкупен резултат 80-81 (по четвртини 24-25, 22-20, 21-19 и 13-17) Македонија загуби против селекцијата на Црна Гора и одличните Суад Шеховиќ и Тајрис Рајс кои постигнаа по 16 поени.
Најефикасен во домашниот состав а воедно и на целиот натпревар беше македонскиот плејмејкер Бо Меккејлеб со 23 постигнати поени. Во една тесна битка на теренот, се чини Македонија загуби поради малиот учинок на клупата, а Црна Гора забележува и повеќе скокови 33-37.
Во домашниот тим, Ѓорѓи Чековски и Војдан Стојановски натпреварот го завршија со по 4 прекршоци, додека капитенот Перо Антиќ предвреме го заврши натпреварот со 5 лични грешки.
Следен натпревар и шанса за подобар резултат, македонските кошаркари ќе ја имаат уште утре кога во 21 часот ќе се соочат со силите на Литванија и нивниот најдобар кошаркар Линас Клеиза.
Од останатите резултати, изненадувања се поразот на Турција од Финска со резултат 55-61, како и продолженијата по кои кошаркарската репрезентација на Велика Британија го совлада Израел со резултат 75-71.
Во нашата група, Латвија ја совлада репрезентацијата на Босна и Херцеговина 86-75, додека вечерва играат Србија и кошаркарите на Литванија.
На денешното отворање на Првенството победи забележаа и Грузија над Полска 84-67, Украина против Белгија 58-57, како и Шпанија над кошаркарите од Хрватска 68-40, и Грција против Шведска 79-51.




