Нема безбедносна опасност за Македонија од косовска страна. На Косово е мирно, иако на северот во Метохија има поединци и групи кои одвреме-навреме предизвикуваат тензија, но и тие проблеми наскоро, демократски ќе се решат. Слободно можам да оценам дека ниту за Косово, ниту за нашите соседи од Балканот, од наша страна, нема безбедносна опасност, изјави денеска во Скопје министерот на косовските безбедносни сили, Агим Чеку, на заедничката прес – конференција со неговиот домаќин министерот за одбрана на Македонија Талат Џафери.
Министрите за добрана на Македонија и Косово, Џафери и Чеку денеска потпишаа протокол за воена соработка. Со него се продлабочува соработката во повеќе области, како што се одбраната, образованието, размената на искуства, заеднички вежбовни активности, средби на експерти од разни сфери, спортски натпревари, искористување на капацитетите на АП „Кривлак“ и Воената академија, каде се образуваат и питомци од Косово, заедно со питомците од Црна Гора, Босна и Херцеговина и Хрватска.
– Даваме поддршка во сите регионални иницијативи во кои учествува Република Македонија, преку МО, да учествува и Република Косово, раководејќи се од принципот дека регионот ќе биде цел доколку во иницијативите учествуваат сите субјекти кои го сочинуваат, рече Џафери. Тој ја најави и средбата на министрите за одбрана од Јадранската група, што од утре до 3-ти октомври ќе се одржува во Брдо кај Крањ, Словенија.
Според министерот Чеку, Македонија и Косово придонесуваат за регионалниот мир и се пример за добрососедска соработка и пријателство, особено меѓу министерствата за одбрана, каде што односите се многу динамични и продуктивни.




