Македонија има предмети кои се карактеристични за 19 век, како тортура, употреба на прекумерна сила од страна на полицијата и има предмети кои се одложуваат со години. Не постои одредба од Конвенцијата за човекови права а за која Европскиот суд за човекови права (ЕСЧП) нема донесено пресуда, рече поранешната судијка во Стразбур Мирјана Лазарова Трајковска зборувајќи на завршната Конференција на Мрежа 23, „Поглавје 23: Пандорината кутија или клуч за добро владеење?“
„Ако ја видите праксата, не постои одредба од Конвенцијата за која нема пресуда. Најголем дел од нив се поврзани со правичното судење. Ние сме една од ретките земји во Европа, каде што Конвенцијата ќе ја видите озаконета, но практичното применување на нејзините стандарди и принципи, за жал, е многу мало кај нашите судии, полицијата…“, смета Лазарова Трајковска.
Според нејзините податоци, откако Македонија ја потпиша Конвенцијата за човекови права во 1995 година, ЕСЧП донел 159 пресуди и неколку стотици одлуки за земјава.
„Сите тие се слика на состојбата во државата. Не само во однос на правосудниот туку и во однос на политичкиот и на економскиот систем. , вели Лазарова Трајковска.
Ниту една држава од Балканот нема таква ограниченост на уставната жалба како што е тоа случај во Македонија, тврди поранешната уставна судијка Наташа Габер Дамјановска .
Таа предложи да се прошират надлежностите на Уставниот суд со што ќе се овозможи поширок пристап во неговота работа.
„Треба да се воведе и нов Деловник на Уставниот суд. Моменталниот текст од пред 25 години, не ги задоволува основните врз кои треба да работи сегашниот Уставен суд. Има прашања од работењето на Уставниот суд кои не се покриени со текстот од Деловникот.” , вели Габер Дамјановска.
Народниот правобранител Иџет Мемети пак смета дека општата правна рамка што ја има Македонија е добра но делови од неа создаваат сериозни проблеми за достапност до права на некои граѓани.
„Можам да кажам дека Народниот правобранител е најдобрата приказна на Национален превентивен механизам што и се случи на Македонија. Дополнително, сметам дека Собранието со новите измени на законот за Народен правобранител, има прилика за контрола на работата на извршната власт”, кажа Мемети.
На Конференцијата на Мрежа 23, „Поглавје 23: Пандорината кутија или клуч за добро владеење?“, покрај за реформите во правосудството, експерти од балканските земји дискутира и за борбата против корупцијата како и за почитувањето и борбата за темелните човекови права.
Поглавјето 23, кое ги опфаќа правосудството, борбата против корупцијата и темелните права на граѓаните, претставува првото поглавје кое се отвора во преговорите со Европската Унија, заедно со Поглавјето 24.




