Во Генералното собрание на Обединетите нации денеска попладне е предвидено гласање за избор на новите членки на Советот за човекови права на светската организација, на кое и Македонија е една од земјите кандидатки, јавува МИА.
Се очекува Македонија да биде избрана и во следните три години да учествува во работата на ова највисоко меѓународно тело посветено на почитување на човековите права. Советот за човекови права на ОН, со седиште во Женева, е формиран во 2006 година да ја замени Комисијата за човекови права, има 47 членки, избрани регионално од членките на ОН. Советот ја следи состојбата со кршењето на човековите права во сите членки на ОН, работи со високиот комесар за човекови права, може да испрати известувачи за одредени состојби или пак да разгледа поплаки од граѓани и организации.
Дополнително, од 17-те држави кои се кандидираа, а меѓу кои се и Куба, Саудиска Арабија, Русија и Кина, Македонија е една од само четирите држави кои беа проценети како заслужни за членство во Советот според организацијата ОН Воч, која изработува рејтинг листи на кандидатите.
Другите држави кои, според ОН Воч ги исполнуваат стандардите на човекови права потребни за членство во Советот на ОН, се Франција, Британија и Мексико. Меѓу кандидатките се и Алжир, Виетнам, Малдивите, Мороко и други земји.




