Македонија доби оценка од 13% за почитувањето на правата на лезбејките, геј луѓето, бисексуалците и трансродовите лица, во последниот извештај на европската организација – ИЛГА, наречен „Мапа на виножитото во Европа“.
Индексот на Илга-Европа ги рангира земјите од 0 до 100% во годишниот извештај кој ја оценува националната легислатива и политиката на човекови права кон ЛГБТ луѓето во Европа, пренесува МОФ.
Оценката ја става Македонија на дното во Европа, заедно со Азербејџан, Ерменија и Русија, Монако и Молдавија, а пред земјава на табелата се наоѓаат сите балкански земји, па дури и Косово со оценка од 14%.
На Балканот најмногу се почитуваат правата на ЛГБТ заедницата во Хрватска (48%), а високо котира и Албанија со 38 %, потоа е Црна Гора со 27%, Србија 25% и Босна и Херцеговина со 20%.
Причините за ваквата ситуација на ЛГБТ луѓето, организацијата ги лоцира во нееднаквоста и дискриминацијата врз оваа популација, говорот на омраза и насилството насочено кон ЛГБТ, слободата на изразување на сексуалната ориентација но и немањето исти права пред законот, во однос на склучувањето бракови или регистрираните партнерства.
Погледнете го целосниот индекс заедно со методологијата на истражувањето.