Во анализата за 2013 година, за состојбата со убиени или затворани новинари, на Комитетот за заштита на новинари, се наоѓа и Македонија. Земјата го привлече вниманието на европската и светската јавност, откако новинарот на дневниот весник „Нова Македонија“, Томислав Кежаровски беше осуден на четири и пол години затвор за наводно откривање на идентитетот на заштитениот сведок во случајот „Ораше“.
Главно анализата вели дека во 2013 година убиени се 52 новинари, а околу 30 се водат како исчезнати во војната во Сирија. Вкупно 211 новинари се во затвори, втората највисока бројка после минатата година кога вкупниот број изнесуваше 232.
Според Комитетот, 21 новинар е убиен во Сирија, 6 во Египет, 5 во Пакистан, 4 во Сомалија, по 3 во Бразил и во Ирак, и по 2 во Мали и во Русија. По 1 новинар е убиен во Турција, Бангладеш, Колумбија, Филипини, Индија и Либија.
Втора година по ред Турција е непопуларна во однос на бројот на затворени новинари, а по неа следат Иран и Кина. Во затворите во тие земји се наоѓаат повеќе од половина од 211-те новинари затворени ширум светот во 2013.
Во Виетнам бројот на новинари зад решетки пораснал од 14 во 2012 на 18 годинава, но како што наведуваат од КЗН „вознемирувачки е трендот на раст на бројот на осудени новинари во Виетнам и Египет“.
За случајот со Кежаровски, реагираа како домашните здруженија, така и меѓународните организации, како и известувачот на Македонија во Европскиот парламент Ричард Ховит. Во почетокот на ноември на Кежаровски му беше укината мерката притвор. Но, Македонија и натаму ја следат европски забелешки за голем пад во сферата на слободата на медиумите и на слободата на изразување. Таквите оценки беа констатирани и во извештаите на „Фридом хаус“ и „Репортери без граници“, каде Македонија забележа драматичен пад по прашањето за медиумските слободи.




