Речиси 30 години Македонија сонува за ЕУ, но иако е рано да се каже дека дојдовме до последната етапа, почетокот на преговорите несомнено е еден вид финале кое сакаме побрзо да заврши. Техничките подготовки за преговарачкиот процес се во полн ек, а во заднина тивко се одвиваат и политички консултации за уставните измени за внесување на бугарското малцинство кои се главниот услов дали ќе продолжат преговорите или ќе застанат уште на самиот почеток.

Скицирајќи го патот по кој ќе се движи Македонија како земја преговарач, заменик шефот на Канцеларијата на ЕУ во Скопје Џулијан Васало, ја претстави долгата и тешка агенда која и претстои на сегашната но и на идните македонски влади чиј период на владеење ќе се совпадне со фазите од преговарање.

Заеднички именител на таа агенда е дека ако досега безмалку три децении слушавме од политичарите за демократија, владеење на правото, човекови слободи, борба против корупција и организиран криминал, сега ќе треба сето тоа да се покаже на дело пред „наставничкиот колегиум“ на ЕУ наречен Европска Комисија.

Ученици – полагачи на испитите ќе бидат сите членови на обемниот преговарачки тим кој ќе ја има тешката задача да ја убеди Европската Унија дека заслужуваме да бидеме дел од неа.

Затоа и прогнозите дека Македонија ќе стане членка во 2030 предизвикуваат поделени реакции во јавноста. Не само поради фактот што преговорите на Турција се оддолжија до бесконечност поради што изгубија и на релевантност за било какви споредби, а Србија и Црна Гора преговараат од 2014 односно 2012 година, што значи веќе една деценија, туку и турбулентната политичка сцена во нашата земја налага поголема внимателност во прогнозите и очекувањата.

Малинка Ристевска Јорданова, ветеран во анализирањето на односите на Македонија со ЕУ, не е оптимист и потсетува дека членството не зависи само од нашата волја и капацитет, туку од политичката волја и капацитет на ЕУ за проширување.

„Амбициозните целни години за членство се корисни како поттик за внатрешни реформи, но само во комбинација со трансформативната моќ на Унијата. Таква моќ Унијата има кога членството е извесно и временски определено. Сега тоа не е случај. Друг фактор е и комплицираната постапка за пристапување според новата Методологија, која неспорно го одолговлекува процесот“, објаснува таа. Покрај тоа, вели, во нашиот случај тука е и можноста за нови блокади, или во најмала рака – успорувања, врз основа на дополнителните услови поставени од Бугарија.

Јорданова смета дека треба да се имаат предвид и регионалните, па и околностите во „поширока Европа“ и дека не треба да се очекува дека Македонија ќе ги „претрка“ другите држави кои преговараат, меѓу другото – и од стратешки и политички причини.

„Битен внатрешен фактор кој оневозможува постигнување амбициозни цели е што во Македонија нема политички и поширок општествен консензус за пристапниот процес и за клучните реформи. Во вакви услови подгревањето надежи со нереални цели има јасна намена – да се ‘скрши’ отпорот кон уставните промени, кои се услов за формален почеток на преговорите“, смета Јорданова.

Северна Македонија го почнува билатералниот скрининг од 7 ноември кој ќе трае една година. Во фокусот ќе бидат законите и анализа на нивната усогласеност со ЕУ и како се спроведуваат. Во тој процес Европската Комисија детално ќе ја претресе нашата држава на сите полиња. После тоа ќе подготви извештај кој ќе го презентира пред сите земји членки на Унијата. Извештајот ќе содржи и заклучок на Комисијата дали Македонија директно ќе почне преговори или прво треба да се исполнат одредени бенчмаркови. Потоа, на крајот на 2023 ќе се отвори првиот кластер. Тоа значи дека до 2030 година за кога го очекуваме членството, ќе останат околу шест години.

Драган Тилев, државен советник за европски прашања во СЕП, за НоваТВ вели дека има доволно време да се исполнат задачите до 2030 година и Македонија да стане членка на ЕУ. Прво, вели, треба да најдеме брз одговор за првата политичка одредница, промена на нашиот Устав, за да може да продолжиме.

„Сами си поставивме цел да бидеме спремни за членство во ЕУ до 2030 година, и тоа е добро. Разбираме дека ЕУ треба уште да се усогласува, договара и преговара, но сепак ние нашиот дел да го одработиме. Скринингот или аналитичкиот преглед на европското право започна, сликата која нашите експерти ја оставаат во Брисел е добра, значи можеме“, вели тој во изјавата за НоваТВ.

ЕУ агендата полека ги полни работните портфолија на сите министри со оглед на сложеноста на задачите што треба да ги исполниме како држава.

Вицепремиерот Фатмир Битиќи вчера на конференција на Институтот за демократија се осврна на важноста  на процесот повикувајќи на консензус и вклученост на сите.
„Целиот овој процес го правиме за себе, на ова веројатно низ него ќе треба да се потсетуваме, бидејќи на моменти бирократскиот јазик, обемноста, притисокот за промена, како и европските институции кои за истата ќе нé држат отчетни, можеби на моменти ќе ја поматат јасноста на тоа за кого сето ова го правиме. Сите реформи кои ни следат треба да ги спроведеме и истите да ги следи и промена на навиките и свеста“, рече Битиќи.

И вистина, Европската комисија ќе ја оценува нашата држава дури низ 33 поглавја организирани во шест кластери.

Поглавјата содржат од слободна размена на стоки и услуги и слободна размена на работници, слободно движење на капиталот, бизнис право и интелектуална сопственост, финансиски услуги, заштита на потрошувачи и јавно здравје, па до информатичко општество и медиуми, социјална, даночна, економска и монетарна политика, царина, земјоделие, безбедност на храна, одбрана о безбедност.

„Тоа треба да го сфатиме како државен проект, со широк политички и општествен консензус за професионализација на администрацијата, борба против корупцијата и организираниот криминал, подобро образование и здравство. Остварлива е целта да станеме членки на ЕУ до 2030 година“, додава Тилев.

Важноста на консензусот ја истакна и главниот преговарач, вицепремиерот Бојан Маричиќ, кој вчера говореше во Стразбур на Мешовитиот парламентарен комитет на Северна Македонија и ЕУ.

„Ќе ги направиме сите напори опозицијата да се вклучи во процесот“, рече Маричиќ.

Вицепремиерот и главен преговарач со ЕУ притоа ги информираше европратениците за текот на скрининг процесот, за завршените преговори за Договорот за статус со ФРОНТЕКС и го најави неговото за неколку недели. Токму овој договор е аргументот дека македонскиот јазик ќе биде официјален и признаен во Европа наспроти негирањето од Бугарија.

Клучното во билатералниот скрининг е што македонската делегација треба да се состои од членови на сите институции и тела кои учествуваат во спроведувањето на законите и другата регулатива. Владеењето на правото, реформата на јавната администрација и функционирањето на демократските институции ќе бидат клучните области во кои државата веќе подготвува патоказ за нивно консолидирање.

Консензусот е сепак „скриениот“ критериум, затоа што таква обемна операција е невозможна без минимум соработка меѓу власта и опозицијата. Прв пример се опозициските заговарања за референдум, кои можат сериозно да му наштетат на процесот бидејќи ќе значи драматична политичка пауза во евроинтеграциите.

„За да се одржи континуитетот би можело да се следи добриот пример на Хрватска, каде од почетокот на пристапните преговори, престанаа сите „препукувања“ помеѓу владата и опозицијата се додека целта не се исполни и Хрватска не ги заврши успешно преговорите, а во 2013 година стана и членка на ЕУ“, смета Драган Тилев.

Соња Крамарска