Најмногу дожд во изминатите 24 часа наврнале во Виница – 23 литри на метар квадратен, а најмалку во Гевгелија – само два литра.

Како што соопшти УХМР, до 8 часот утрово се измерени и 16 литри на метар квадратен воден талог во Крива Паланка, 14 во Берово, 13 во Скопје-Петровец, 9 во Струмица, 7 во Скопје-Зајчев Рид и во Демир Капија, 6 во Штип и во Маврови Анови, 4 во Дебар, во Дојран и во Попова Шапка, како и 3 во Ѓуриште.

И утрово времето е променливо облачно, а на повеќе места, особено во северозападните и источните делови, повремено врне пороен дожд, проследен со грмежи и засилен ветар.

Во текот на денот, според УХМР, ќе биде променливо облачно и свежо, на повеќе места нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветар. Локално ќе има појава на краткотрајно невреме со интензивен пороен дожд, силен ветар, електрични празнења и услови за изолирана појава на град. Врнежите ќе престанат кон крајот на денот. Максималната температура ќе биде во интервал од 21 до 28 степени. УВ индексот ќе изнесува 6.

Во Скопје времето ќе биде променливо облачно со повремен пороен дожд, грмежи и засилен ветaр, во делови од котлината со пообилни врнежи. Максималната температура ќе достигне 25 степени.