Европската унија ќе им додели на Србија, Албанија и Косово 96 милиони евра финансиска помош за изградба на железнички инфраструктурни проекти. Но, Македонија не е спомената во новиот пакет на европски грантови кои ги најави еврокомесарот за прошитување, Јоханес Хан, на Самитот за Западен Балкан во Париз, јавува 24 вести.
По одлуката на Европската комисија да скрати 27 милиони евра од инструментот за претпристапна помош, експертите очекуваат и други рестрикции кон земјава од страна на европските финансиски институции.
Добрите познавачи на приликите велат дека Македонија може да се соочи со полоши рестрикции, ембарга и ограничувања, доколку македонските власти не ја примат пораката за спроведување на предложените реформи, јавува 24 вести. Во своето обраќање пред министрите еврокомесарот Хан посочи дека реформите мора да бидат приоритет.
Нема смисла да се инвестира без навремено да се спроведуваат реформи, и меките мерки беа воспосоставени бидејќи додаваат дополнителна вредност на инвестициските приоритети. На нашата одлука за финансирање влијаеше напредокот на меките мерки. Затоа ве повикувам да се осигурате дека реформските прашања ќе бидат имплементирани без одложување, изјави Јоханес Хан.
На бизнис форумот во рамки на самитот, вицепремиерот за економски прашања Владимир Пешевски, изјави дека Македонија ќе конкурира да добие донаторски средства од ЕУ за 20 нови проекти.