Министерството за здравство, поради високите температури, излезе со препораки во кои се повикуваат работодавачите денеска и утре да ги ослободат од работните обврски бремените жени и хронично болните лица на возраст над 60 години.
Во дописот се повикуваат работодавачите да го реорганизираат работното време со цел да се избегнуваат активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот.
Препораките доаѓаат по најавите од Управата за хидрометеоролошки работи дека Македонија во следните денови ќе влезе во портокалова фаза поради големата топлотна маса од југ, која ќе резултира со многу високи температури.
Од министерството, исто така препорачуваат да не се одржуваат спортски активности на отворено во периодот од 11 до 17 часот, а градинките да не ги изнесуваат децата на отворено и да не практикуваат физичка активност во овој период.
„Потсетуваме дека е потребно граѓаните од целата држава да ги почитуваат општите препораки за заштита од високите температури, како што се: заштита од директна сончева изложеност, избегнување престој на отворено во периодот од 11 до 17 часот, носење светла и лесна облека, консумирање лесна храна и течности, хигиенски начин на подготовка на храната и редовно земање на терапијата кај хронично болните лица“, апелира Министерството.
Во препораките се наведува дека во овој период треба да се консумираат повеќе течности и свежи градинарски производи, а да се избегнува храна која термички не е обработена, со цел да се избегне можната појава на труења со храна и цревни заразни заболувања.




