Денеска и утре, 14 и 15 февруари, се прогласени за денови на жалост поради тешката сообрќајна несреќа што се случи вчера попладне на патот Скопје – Тетово, во која загинаа 14 лица, а шестмина се борат за живот во Клиничкиот центар и во Градската болница „8 септември“.
-Тешка ноќ, полна со неизмерна болка и тага. Немам зборови кои можат да бидат доволна утеха за семејствата на нашите сограѓани кои вечерва трагично ги загубија животите во тешката сообраќајна несреќа, изјави премиерот Заев по вчерашната вонредна седница на Владата, на која со едноминутно молчење, министрите им оддадоа почит на загинатите.
Тој најави дека денеска ќе ги посети повредените во болниците, а во нареднитe денови ќе се донесат и долуки за поддршка на семејствата на починатите.
-За жал животите ги загубија 14 наши сограѓани. Седум наши сограѓани починале на лице место на несреќата. 37 лица биле хоспитализирани во болницата 8-ми септември, односно донесени, 6 од тие 37 лица се починати во 8-ми септември. Во Свети Наум Охридски имаме едно починато лице, 2 лица биле пренесени во Тетово и се во добра состојба, едно лице е на домашно лекување од Гостивар, во Мајка Тереза, 8 лица од кои 3 се со сериозни повреди – рече Заев.
Во 12 часот денеска вонредна седница по повод трагичниот настан ќе одржи Општина Гостивар. Се очекува советниците да донесат одлука за прогласување тридневна жалост во знак на почит кон загинатите.
Автобусот на „Дурмо турс“ кој возел на релација Скопје- Тетово (и обратно) вчера околу 17 часот се преврте на автопатот кај Ласкарци. Официјално не е соопштено колку патници биле во автобусот иако се зборува за неофицијална бројка од 51.
Екипи на МВР, итна медицинска помош и ОЈО веднаш пристигнаа на местото на несреќата, а во извлекувањето на повредените и жртвите масовно учествува и локалните жители.
Како што беше најавено, утрово продолжува увидот на местото на несреќата.








