Двајца полициски службеници од Секторот за компјутерски криминал вчера биле фатени со дрога во Албанија, при влез во Црна Гора. Од МВР го потврдија случајот, но тврдат дека станува збор за претходно запленета марихуана која останала во возилото, скриена во бункер под седиштата. Од министерството додаваат дека двајцата службеници веќе се вратени во Скопје.

Вработените во МВР немаат никаква поврзаност со дрогата и тоа го потврдило и албанското јавно обвинителство и тие се веќе вратени во Скопје, а за целиот случај го известивме и нашето Јавно Обвинителство за натамошно постапување и расчистување на случајот, соопштија од МВР.

Според објаснувањето на МВР двајцата вработени во Секторот за компјутерски криминал и дигитална форензика за патувањето во Црна Гора задолжиле службено возило од автопаркот на министерството. Возилото било предадено во нивно владение од страна на Агенцијата за управување со одземен имот, откако претходно Царинската управа во 2016 година го запленила во акција за сузбивање на трговија со дрога.