Преговорите за името деновиве се главна тема во македонските медиуми. И додека фокусот е целосно врз атмосферата на неизвесност, на исчекување и на очаен оптимизам дека вратите на Европската Унија конечно ќе бидат отворени за Македонија, малкумина го забележуваат јазикот на кој тие известуваат. Јазикот е македонски (или наликува на него), но со сигурност не е литературниот јазик.

На повеќето интернет портали често може да се наиде, на пример, на зборови кои се погрешно напишани, а на дебатните телевизиски емисии, многупати се случува гостите да зборуваат покоректен литературен јазик, отколку водителите, кои во занес дека се многу важни, мислат дека се над она што е кодифициран македонски литературен јазик, па си дозволуваат импровизација. Од устите на телевизиските новинари може да се слушнат „кочијашки изрази“, веројатно затоа што мислат дека така создаваат свој препознатлив стил и ќе и се допаднат на јавноста. Добрата дикција е толку ретка што кај оние кои ја имаат, дури, се смета за извонреден талент.

– Јазикот на медиумите во голема мерка влијае врз јазичниот израз, особено врз помладите. Но, за жал, електронските медиуми, се чини, како воопшто да не водат сметка за правоговорот. Па така, на телевизиите слушаме водители со толку искривоколчен изговор, што едвај разбираме што зборуваат. За веста да биде што „побомбастична“ се допуштаат огромен број англицизми, така што тој јазик веќе може да го наречеме „маканглиски“. Секако, сето тоа го загрозува јазикот, кој како жива материја секојдневно се менува, но насоката во која што оди не е добра, вели Искра Пановска-Димкова, редовен професор на Катедрата за македонски јазик и јужнословенски јазици.

Според лингвистот Бобан Карапејовски, иако на прв поглед изгледа парадоксално и сосема нелогично, грижата за македонскиот јазик, наместо да се засилува, опаѓа со зацврстувањето на македонската државност и држава, односно на институциите што треба да се грижат за неговата заштитa и да го поттикнуваат неговото проучување.

– Јазикот во јавната употреба е на повисоко ниво (или, може да се рече, поголемо внимание се посветува на употребата на стандардниот јазик) во времето, од кодификацијата до осамостојувањето, отколку во периодот по 1991 година. Тоа е една апсурдна ситуација најмалку од две причини. Едната е општествено-политичка и подразбира дека официјалниот јазик на државата, особено на една самостојна држава, кој во македонскиот случај (и не само во македонскиот) е најсилниот идентитетски меѓник, е под посебна заштита и за него се грижат институциите на таа држава. Втората е чисто лингвистичка: За разлика од првите посткодификациски години, стандардниот јазик, односно нормата, седумдесетина години потоа, е стабилизирана, па се очекува нивото на нејзиното познавање да биде на повисоко ниво, земајќи го како репер просечно образованиот човек во системот кој налага изучување на мајчиниот јазик, вели Карапејовски.

Карапејовски напоменува дека Законот за употреба на македонскиот јазик јасно пропишува дека сите текстови во јавната употреба треба да поминат лекторски филтер. Но како што вели практиката покажува дека тоа не е така.

-Воедно и квалитетот на кадарот во областа на преводот и јазичната редакција, последните години, особено со некои владини преведувачки потфати, се покажа како сомнителен. Но, и без таквиот (условно и грубо кажано) „јазичен полицаец“ во новинарските редакции, во дискурсот на новинарите се провлекуваат работи што се производ (веројатно) на општото ниво на (не)познавањето на јазичната норма. Јавните сервиси на некои држави (најочигледен е примерот на Хрватска) имаат посебен „Совет за јазик и говор“ (како што е именувано телото при ХРТ), кое се грижи за „јазичната култура на ХРТ и помага да се воспостават и да се спроведат јасни јазични и говорни норми во таа установа“. Од друга страна, она што се нарекува(ше) „Би-би-си-англиски“ е, всушност, нормата на англискиот правоговор, односно претпочитаниот изговор, акцент, итн. За жал, особено на тоа поле (на полето на изговорот и на акцентуацијата), а во последно време (особено на радиото) и кај интонацијата, македонскиот јавен дискурс (со акцент на вработените во радиските и во телевизиските куќи, но и воопшто) изобилува со создавање извесен супстандард, кој не е последица на дијалектни влијанија,  туку на извесен „радиски новоговор“, на пример, вели Карапејовски.

Тој смета дека е добро тоа што Владата, во рамките на мерките за унапредување на македонскиот јазик, донесени минатата година, ја прифати идејата што ја сугерирале заедно со проф. д-р Људмил Спасов, за формирање Центар за постојана подука на новинарите и на презентерите во електронските медиуми во Македонија.

“Проектот е финансиран од Европската унија преку програмата за мали грантови „Заштита на медиумските слободи и слободата на говор во Западен Балкан“ имплементиран од Здружението на новинари на Хрватска како дел од Регионалната платформа за застапување на медиусмките слободи и безбедност во Западен Балкан во партнерство со шест организации од регионот (Независното здружение на новинари од Србија, Здружението на новинари од БиХ, Хрватсото здружение на на новинари, Здружението на новинари од Македонија и Унијата на медиумите од Црна Гора”.