Ристо Лазаров, претседателот на македонскиот ПЕН центар се огласи со осуда за продолжувањето на притворот на новинарот Кежаровски, а најавува реакција и до Меѓународнио тПЕН. Ви го пренесуваме соопштението во целост.
-И петтото продолжување на притворот на новинарот Томислав Кежаровски, исто како и иницијалното притворање и сите досегашни продолженија на оваа драмолетка на апсурдот, заслужува и наидува на целосна осуда на домашната и меѓународната демократска јавност.
Пред неа, органите на нашата судска (се разбира и не само судска) власт покажува мускули и слепа приврзаност кон поговорката “кучињата лајат, карванот врви”, што, пак, претставува груба компромитација на основните начела на правната држава. Македонскиот ПЕН со внимание и неодобрување ги следи сите постапки на власта во овој случај, оценувајќи ги нив како кршење на правото на слободно изразување, загарантирано како во Уставот на Република Македонија, така и во цела редица меѓународни резолуции и декларации. Со овој случај е запознат и неодамнешниот Конгрес на Меѓународниот ПЕН, чиешто произнесување следува по утврдената процедура на оваа организација.

*Ристо Лазаров – претседател на македонскиот ПЕН центар
-Бараме надлежните органи да не ги игнорираат барањата на јавноста и макари со огромно задоцнување да сторат нешто за заштита на основното право на слобода на изразувањето и на вкупниот амбиент за слободен проток на јавно изречениот збор, кој безусловно мора да биде демократски и во духот на општоприфатените меѓународни стандарди, се вели во соопштението на претседателот на македонскиот ПЕН центар, Ристо Лазаров.
Притворот на новинарот Томислав Кежаровски му е продолжен по петти пат за нови 30 дена, а власта остана глува на многубројните повици од домашната и меѓународната јавност за овозможување негова одбрана од слобода.




