Фудбалерите на Македонија ја остварија втората победа во квалификациите за СП 2014, откако на Филип Втори арената ја совладаа репрезентацијата на Велс со 2:1 со одлучувачкиот гол на Александар Трајковски на десет минути пред крајот.
Пред околу 12 000 гледачи на „Филип Втори“ арената во Скопје, селекторот Јаневски шанса во првиот тим му даде и на Костовски. Велшанецот Герет Бејл мечот го започна од клупата.
Нашите фудбалери поведоа со 1:0 во 20 минута откако по слободниот удар на Ибраими топката од живиот ѕид се одби до Тричковски, кој ја смести во мрежата на Мајхил, за негов четврти гол во националниот дрес.
Фудбалерот на англискиот премиерлигаш Арсенал, Арон Ремзи во 39 минута успешно реализираше пенал за израмнување на резултатот.
За издвојување е и периодот на полувреме за време на загревањето на Герет Бејл кога двајца навивачи влегоа во терен, обидувајќи се да дојдат до најскапиот светски фудбалер, но обезбедувањето реагираше.
Во 72 минута Македонија имаше голема шанса за водство кога по еден контранапад Пандев го проигра Тричковски, кој не реализира во дуел еден на еден со голманот Боаш Мајхил.
Пандев во 77. минута беше непрецизен од слободен удар, но затоа три минути подоцна нововлезениот Александар Трајковски биеше неодбранливо за 2:1 и голема победа на избраниците на Чедомир Јаневски кои со оваа победа се искачија на 4 место на табелата со 7 бода по седум одиграни кола.




