Иако без капитенот Перо Антиќ кој сезонава направи трансфер во НБА, македонската кошаркарска репрезентација е победник на „Супет купот’’ во Улм, Германија.
Нашата селекција славеше во трет последователен натпревар на овој турнир, откако попладнево во дуелот за првото место ја совлада селекцијата на Босна и Херцеговина, репрезентација која ќе и биде противник на Македонија на претстојното Европско првенство во Словенија од 4 септември.
Македонските кошаркари успеаја да го совладаат составот на БиХ со 93:84 по четвртини 20:17, 21:24, 19:24 и 33:14.
Најзабележителен на овој натпревар беше Ѓорѓи Чековски кој средбата ја заврши со 33 поени, што е негов личен рекорд во националниот дрес.
Владо Илиевски надополни со 20 поени, а двоцифрен беше и Војдан Стојановски со 12 поени.
Очекувано во составот на БиХ, најефикасен беше Мирза Телетовиќ со 21 поен, а Нихад Џедовиќ постигна 18.
Со трите победи во низа над Грција, Германија и БиХ, репрезентацијата на Македонија ги заврши подготвителните натпревар за Евробаскетот во Словенија.
Утре репрезентативците се враќаат во Скопје, каде ќе ја одработат завршната недела пред нивното заминување на 2-ри септември во Јесенице каде ќе играат во групата Б на Европското првенство.




