Пишува: Нано Ружин 

Две групи пратеници влегуваат на сцената на македонското Собрание, слично како во драмите на Мартинез. Едната исполнета со омраза, презир, нервоза, македонштина, ратоборност и со полни куфери транспаренти, труби, вувузели, свирки, облечени во бели маички на кои доминира огромното „НЕ“. Им недостасуваат уште димни бомби, за да се долови навијачката фубалска атмосфера. Кога би ги анализирал Роберт Каган, сопругот на Викторија Нуланд, би напишал: „овие делуваат како да се дојдени од Марс, богот на војната, персонификација на сила, агресивност, подготвени за војување“. Другата група е опуштена, без никакви комплекси, со емпатија,  молчелива, помалку заплашена бидејки сеуште се сеќава на насилствата од 17 април и претходно од 24 декември, од првата група и нејзината толпа. За помирниве, Каган би забележал дека делуваат како да се дојдени од Венера, божицата на љубовта и мирот. Тие се мирољубиви, веруваат во некој кантовски свет, владеењето на правото, дипломатијата и во европските вредности

Најнапред на говорницата се појавува гостинката од Брисел Урсула фон дер Лајен која порачува „ Македонци-Европа ве чека“! Потоа ги дообјаснува главните прашања на мелодрамата дека „македонскиот јазик, идентитетот и историјата нема да бидат дел од преговарачката рамка“. Но и самата е изненадена од шарениот циркус, белите маички кои според нејзината абецеда порачуваат некое чудно  „ХЕ“ како и од мини-транспарентите на опозицијата. Веројатно и самата се прашува „а што сакаат овие луѓе“? Сцената е како од комедиите на Корнеј, но вистинското дејствие отпочнува по нејзиното заминување. Овие што се од Марс кинат и палат предлог-заклучоци, навредуваат секого што мисли поинаку, се закануваат, и мора да им се признае дека со голем талент ја играат нивната ролја на чувари на македонскиот Грал. Некои и „научно“ се обидуваат да докажат дека и Исус Христос бил Македонец а Каен веројатно бил Бугарин. Фон дер Лајн, ЕУ и Германија ги споредуваат со нацистички изроди, се закануваат со затвори, линчувања, фекалии и канализации..Лепат етикети за „предавства“ „бугаризација“, „фашизација“, „мрсници“, „СДС- бугарска“, а секој оној кој немисли или не зборува според нивниот урнек е оневозможен од силните свуци на вувузели. Инаку оваа идеја е позајмена од парламентот од Нови Зеланд, но не да се замолчат другите туку на симболичен начин да се укаже на опасноста од климатското затоплување. Сепак среќниот крај го краси делото. Панаѓурот завршува без жртви. Емоциите се стишија исто како по Охридскиот договор, Преспанскиот договор и сега „Францускиот предлог“.  За едни тоа беше комедија, за други трагедија. Остануваат многу непознаници и разочарувања: зарем мораше да дојде до таков вербален циркус? Дали оние кои упорно беа против компромисот а со години ги носеа дресовите а и еврата на ЕУ барем малку ќе имаат грижа на совест? Народот не треба да се обвинува. Емоциите се разбирливи кога луѓето ке се изманипулирани и бомбардирани од лажни вести и потсетување на жртвите на окупаторот. Но зарем тој метод не го продаваа Милошевиќ и Шешељ во војната со наводните наследници на НДХ и Анте Павелиќ, „усташите“ и  „Јасеновац“ и сите мрачни холокаусти од време на Втората светска војна?

Судир на политичките цивилизации во Северена Македонија

Во 1996 Самуел Хантингтон ја објави култната студија „ Судир на цивлизациите“ во која констатира дека „доколку 19 век бил судир на нациите, 20 век судир на идеологиите, 21 век ќе биде судир на цивилизациите, културите и религиите“. Патем војната во Босна и Херцеговина помеѓу христијаните и муслиманите, избрзаното признавање на Словенија и Хрватска од страна на католичкиот запад или асиметричните напади на Ал Каеда врз стратешки цели во САД и Европа влегуваат во интелектуалниот багаж на Хантингтон, исто како и судирите на Косово помеѓу Косоварите и Србите односно мини-војната во Македонија од 2001. Сите овие настани останаа во историјата. Некои ќе се решаваат по дипломатски пат ( Белград-Приштина, Сараево-Бањалука) други беа решени со Охридскиот договор. Денес Северна Македонија беше дестабилизирана од „судирот на  политичките цивилизации“ помеѓу власта и опозицијата. Главната тема на судирот  помеѓу бранителите на европскиот компромис со Софија од една и бранителите на македонштината од друга страна е прифаќањето на компромисниот договор со ЕУ. Противниците на преговарувачката рамка, се истите оние кои постојано зборуваат за загрозеноста на македонскиот народ и идентитет и ги истакнуваат национализмот и националната кауза, наспроти „манипулативниот Запад“ и „непријателска Бугарија“. Тоа се истите ликови кои покажаа целосна немоќ во 2001 за да се смират меѓуетничките тензии, кога го критикуваа Охридскиот договор, а денес како поранешни функционери, интелектуалци, лидери на НВО се појавуваат на малите прошетки со оние што протестираат. Тоа се истите ликови  кои упорно беа против воспоставуивањето на пријателските односи со Грција, Албанија, Србија и Бугарија. А познато е дека во дипломатското преговарање нема победници туку компромис. Како да се протолкуваат вербалните и физичките насислтва во парламентите?

Од Балканот преку Турција и Блискиот Исток до Јапонија, Тајван и Јужна Кореја

Почнувајки од Турција преку Балканот и неколку држави на Блискиот Исток се до Јапонија и Тајван, агресивноста на толпите, пратениците, инсинуациите и физичките насилства се зачестена појава. Зошто? Зошто Парламентот кој се смета за сакрален објект на демократијата, каде физички насилства се незамисливи, понекогаш се трансформира во циркуска арена која ги шокира граѓаните?

Според мислењето на Оливие Розенберг  од Центарот за европски студии  визиите на граѓаните за парламентот се идеалистички. Тоа е институција каде не смее да се манифестираат насилствата. „Историски гледано парламентот е дефиниран како неутрална институција каде пратениците не се тепаат ниту се навредуваат или исмејуваат, туку дискутираат, гласаат и ја контролираат извршната власт.

Од самото конституирање. Уште во 12 век тезите за можните конфликти биле актуелни. Затоа  во двата дома на британскиот парламент било забрането носењето оружје. Во  современите демократски општества на парламентарната демократија граѓанинот очекува  соодветен одговор од страна на законодавниот дом,  позитивна реторика, аргументирано одлучување  без било каков вид насилство. Дури и кога неможе да се изнајде консенсус, и кога страните се екстремно конфронтирани, јавното мислење очекува ревносно однесување на избраниците во законодавниот дом. Во  колективната имагинација, на современиот граѓанин политичките институции претставуваат неопходни алатки на демократијата. Собранието е место за дебатирање, аргументирање но никако на било кој вид насилство. По цена и да се свирка  со вувузели, труби и саксафони или да се подигаат транспарентите, не е загрозена демократијата но не е деонтолошки  да се оневозможува говорот на  политичкиот опонент  или да се манифестира адолесцентна  бунтовност  од стилот на Џемс Дин. Впрочем исто како во животот и во парламентаризмот постојат непишани правила за одреден цивилизиран однос, љубезен и достоинствен начин на комуницирање, барем на поединци независно од темпераментниот тек на собраниската седница. За жал оркестарот на опозицијата  дејствуваше разјарено и монолитно како севернокорејска армија од почеток до крајот без ниту еден џентлменски говор, без никакво чуство за хумор, досетка или барем некоја сатира. На овој начин не функционираат  ниту   размислуваат европските пратеници.

Зошто  пратениците се агресивни?

Постојат повеќе начини за да се објаснат причините за вулгарностите, навредите, насилствата или оневозможувањето на реториката на спротивниот политички субјект. Клишеата  за „ топлата крв и темперамент“ или  „атавизмот на  цивилизациите на виолентната култура на балканските народи“ се премногу едноставни. Оваа теза е делумно вистинита, но корените  треба да се бараат во кризите, незадоволствата, разочарувањата, евроскептицизмот на народот барем кога е во прашање Северна Македонија. Политичарите секогаш настојуваат да го искористат народниот темперамент и расположение за да го подигнат рејтингот за следните избори. Насилствата во парламентите доаѓаат до израз во моментите на силни тензии во општеството. Независно кој стои зад незадоволствата на народот, политичките партии се наметнуваат како главни сценографи на  политичката игра  Втората димензија е степенот на политичката поделба на државата. Колку што е подлабок степенот на поделбата толку повеќе функцијата на парламентот е исполнета со судири, немили сцени насилства и нервози. Во суштина се работи за рефлекс на состојбите од општеството во самиот парламент.

Независно од идејата за парламентот како персонификација на смирен амбиент, не треба да се заборави дека тензиите остануваат инхерентни на идеологиите кои ги бранат пратениците. Според тоа изгледа дека е логично понекогаш амбиентот да дегенерира но сепак до одредени граници. Вербалната агресивност останува составен дел на дебатите а некогаш ги поминува и вообичаените рамки. Кога политичарите не делат исти ставови за одредени теми дебатите стануваат остри. Доколку кон ова се додаде непознаницата за „ политичката агресивност“ и најмалите недоразбирања можат да дегенерираат во општа тепачка. Но таа вербална агресивност не се трансформира секогаш во физичка конфронтација. Напротив, „вербалната бруталност“ може понекогаш да служи да се истакне некој аргумент, да ги смири духовите на политичкиот противник во општеството. Таквиот амбиент е составен дел на политичката игра. Народот бара   спектакли на отворена сцена. Голем е бројот и на оние кои ја подржуваат културата на агресивноста за да ја покажат лојалноста кон сопствениот партиски врв. „Колку си поостар со политичкиот опонент, толку повеќе ке напредуваш во хиерархијата“, гласи едно од златните правила на политичката кариера. Но таквата методологија има и негативни обрасци особено меѓу интелектуалната елита на партијата.

Во Деловникот на францускиот парламент можна е привремена суспензија на пратеник

Најчесто недоволно афирмираните пратеници кои не се одликуваат со длабоки интелектуални мисли инклинираат кон дрскост,  вулгарност, навреди и застрашувања наместо кон рациото и издржаните аргументи. На тој начин  настојуваат да му се додворат на шефот, да  покажат лојалност кон партијата и групата, да манифестираат сила и мускули за  да и се даде до знаење на власта дека не и се плашат. Впрочем како што вели еден пратеник, „ништо не ми можете, никој не смее да ме пипне, јас имам имунитет“ што е сосема разбирливо во секое демократско општество.  Театралноста  на пратениците, употребата или злоупотребата на разни цитати, на славните ликови од историјата, колнењето во името на каузата, или саможртвувањето, навредите, вулгарностите се дел од нивната „агресивна култура“.  Тие  се свесни дека ги гледа народот, дека читаат говори напишани од страна на партиската машинерија и дури се горди што не промашиле ниту еден збор. Сé наликува на еден момент од колективна рекреација на некој измешан свет .Сите се дерат и се навредуваат. Тоа е бесплатна забава за гледачите, а тие едвај чекаат да се најдат помеѓу симпатизерите кои ќе им се воодушевуваат: „Браво бе..арно им кажа на предавниците..“.

За да се канализираат духовите и да се избегнат скандалите, вербалните  и физичките пресметки, односите во законодавниот дом се регулирани во Деловникот за работа. За жал во македонскиот собраниски деловник не е предвидено како во некои парламенти забраната за употреба на  вулгарните и навредливите зборови како што е во Британскиот парламент, ниту  привремено суспендирање на  пратениците како што е предвидено во францускиот парламент.

Авторот е универзитетски професор