Врв на лицемерието е изјавата на Коце Трајановски дека за почист воздух потребно е Скопје да се гасифицира, рече пратеникот на СДСМ, Јани Макрадули, потсетувајќи дека токму градоначалникот на Скопје се откажа од гасификацијата.
Собранието денеска го прифати предлогот на група пратеници предводени од СДСМ, парламентарците да расправаат на тема загаден воздух.
Нема ништо поважно од здравјето на граѓаните, рече Макрадули образложувајќи го поредлогот. Заштитата на животната средина е на последно место на Владата на РМ што се гледа и од буџетот, потенцираше тој.
Инаку, денеска на дневен ред пред пратениците е буџетот 2014. Либералот Ивон Величковски од спикерот Велјановски побара точката за загадениот воздух да биде ставена погоре на дневен ред.
„Доколу оставите ова прашање да се разговара околу новогодишните празници ќе значи дека чекаме да падне снег за да го покрие срамот“, рече Величковски.
По што предлогот беше ставен на гласање но, парламентарното мнозинство не го прифати.
И предлогот на Игор Ивановски од СДСМ, кој побара од 79-та точката да биде ставена прва на дневен ред, не беше прифатена од парламентарците.




