Проблемот е во тоа што до сега требаше веќе бидат изградени двата автопати кои сега ги отпочнува Владата на ВМРО – ДПМНЕ. Автопатот Скопје – Штип ќе чини 206 милиони евра, додека автопатот Кичево – Охрид ќе чини 375 милиони евра. Пари обезбедени преку кредит од Кина, односно државата ќе се задолжи за овие пари, рече Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.
Според Манчевски вкупно проектот Скопје 2014, до сега ја чинеше државата околу 500 милиони евра. Цената секојдневно расте, со оглед на бројните барокни фасади, плоштадот на ВМРО и бројни други проекти кои сеуште се кријат во главата на Никола Груевски.
СДСМ смета дека овие 500 милиони евра, пари на граѓаните, наместо за споменици и музеи, требаше да се искористат токму за изградба на автопатиштата Скопје – Штип и Кичево – Охрид. Со тоа ќе се избегнеше дополнително задолжување на државата, а воедно повторно ќе беше ангажирана градежната оператива.
Дамјан Манчевски денеска промовираше два големи проекти од програмата СДСМ.
Идната Влада, предводена од СДСМ ќе ги заврши започнатите два автопати и ќе започне:
1. Изградба на автопат Велес – Прилеп – Битола
2. Изградба на автопат по Коридорот 8, односно поврзување со автопат со Албанија на запад и со Бугарија на исток. Согласно анализите, дополнително ќе се утврди трасата по која ќе поминува овој автопат.
Со оглед на зачестениот тренд на копирање на решенија од програмата на СДСМ од страна на Владата, се надеваме дека ќе го превземат и ова решение во интерес на граѓаните на Македонија, рече потпретседателот на СДСМ.




