„Она за што зборуваат ниту е тендерски ниту е скандал. При тоа, се злоупотребуваат државни институции за партиски потреби на ВМРО-ДПМНЕ, за што по смената на власта ќе се занимаваат надлежните институции“, рече пред новинарите Дамјан Манчевски од СДСМ по најновите обвинувања на ВМРО – ДПМНЕ за учество во корупциски скандал.
>>Димовски обелодени коруптивен скандал во кој бил вмешан Манчевски
Конкретно за договорот за кој на смешен начин ме прозива власта имам да го кажам следното:
– Прво, одлуката за избор на најповолен понудувач на тендерот беше обжалена кај Државната комисија за жалби по јавни набавки при Владата на ВМРО-ДПМНЕ, која го потврди изборот за најповолен понудувач. Доколку имало било што спорно, Државната комисија по жалби за јавни набавки сигурно баш мене немала да ми прогледа низ прсти.
– Второ, јас повеќе со таа фирма немам ништо. Токму во моментот кога бев избран за потпретседател на СДСМ, самоиницијативно целосно се повлеков од таа фирма. Знам дека тоа е несфатливо за власта, но ете јас тоа го направив.
– Трето, јас во времето кога е потпишан договорот воопшто не бев политички јавно експонирана личност. И тогаш, а и денес не живеам од политиката, туку сум вработен во приватна фирма.
– Четврто и последно, крајно време е ВМРО-ДПМНЕ да престане да држи безмислени прес конференции. На власт се веќе осма година. Ако има било што незаконски, нека профункционираат институциите на системот и нека го процесираат случајот, истакна Манчевски.




