СДСМ ги повикува Груевски, и Агенцијата за електронски комуникации, на јавноста да и ја соопштат намената на планираната милионска Кула на Водно.
„Дали тоа ќе биде кула за мониторинг, како што е декларирана или ќе биде предавателен пункт за радиодифузија и други комуникациски уреди и служби? Какви што информации има во јавноста!?“, праша на денешната прес-конференција потпретседателот на СДСМ, Дамјан Манчевски.
Манчевски вели според експертските стандарди не постои случај каде што на иста локација има и предавателни и мониторинг уреди. Мониторинг уредите ќе бидат превозбудени и не ќе можат релевантно да мерат. Минимално дефинираното растојание од предаватели до мониторинг станица е од 600 метри до 2 км, во зависност од фреквенцијата и моќноста.
Тој посочи дека Владата и АЕК ја планираат Кулата на Водно помеѓу столбовите на ВИП и ОНЕ, меѓу кои нема ниту 50 метри растојание. Дури и да ги срушат, вели Манчевски, до столбот на МРТ нема ниту 100 метри.
Потпретседателот на СДСМ потенцираше и неколку други контроверзии поврзани со Кулата на Водно.
„Искуствата во Србија и Словенија на пример, покажуваат дека кулите логично се во сопственост на јавните радиодифузни сервиси односно, РТ Србија и РТ Словенија. Нејасна е потребата зошто во Македонија, таа да биде во сопственост на АЕК“, нагласи Дамјан Манчевски.
Според него, бидејќи кулата е опишана како туристичка атракција, за да биде таква, ќе мора да има туристичко – угостителска понуда, односно ќе остварува некаков профит.
– Но, АЕК по закон е непрофитна организација. Тогаш како АЕК како непрофитна организација ќе остварува профит од оваа туристичка атракција?, побара одговор на прес-конференцијата потпретседателот на СДСМ, Манчевски.
СДСМ ги повикува Владата и АЕК да се изјаснат за намената на планираната Кула на Водно и да им соопштат на граѓаните колку пари ќе чини нејзината изградба.




