Тајното спроведување на Шиповиќ, во доцните вечерни часови и далеку од очите на јавноста, е уште еден скандал сам по себе кој покажува дека власта има потреба нешто да сокрие, рече Дамјан Манчевски, потпретседател на СДСМ.
„И покрај однесувањето на МВР, како и сите пласирани дезинформации и полувистини екстрадицијата заврши и Шиповиќ е во Македонија. Иако немаше потреба Шиповиќ да се пресретнува на половина пат и тој можеше да се врати многу порано. Дополнително, тој самиот се откажа од заштитата на австриските судови и лично побара да биде екстрадиран уште на 4 ноември“, изјави Манчевски.
Според неговата партија, намерите на власта се јасни, односно од досегашните чекори преземени од страна на ВМРО-ДПМНЕ, преку МВР и преку своите советници во Центар, владејачката партија сака да ја блокира работата на Општина Центар.
– Ги повикуваме институциите предводени од ВМРО-ДПМНЕ да се создадат услови Шиповиќ да се брани од слобода. Со тоа ќе се овозможи Советот да се одблокира и да ја продолжи својата работа непречено, во интерес на граѓаните на Центар, нагласи потпретседателот на СДСМ.
Политичкиот процес што власта го води против Претседавачот на Советот на општина Центар, е класичен обид за погазување на волјата на граѓаните и тој мора да запре, а како прв чекор кој го посочи Манчевски, е Шиповиќ да се брани од слобода.




