Американскиот Стејт Департмент, најдиректно, во последниот Извештај посочи дека во Македонија има политички затвореници. Конкретно се посочени Претседавачот на Советот на Општина Центар Мирослав Шиповиќ и новинарот Томислав Кежаровски, посочи денеска Дамјан Манчевски од СДСМ.
– Во истиот овој извештај Стејт Департментот нотира мешање на власта во судството, притисок на владата врз медиумите, селективно гонење на политичките противници, владина корупција, полициска неказнетост.
– Во одделот, буквално насловен „Политички затвореници и притвореници“ Стејт департментот оценува дека процесите против новинарот Кежаровски и против Мирослав Шиповиќ довеле до меѓународна критика и загриженост поради селективна правда.
– Ова е показател за назадувањето на демократијата во Република Македонија. Ова е срам кој нанесува сериозна штета врз меѓународниот углед на Македонија. СДСМ бара итно да се разгледаат законските можности за преиспитување на пресудата за новинарот Кежаровски.
– СДСМ очекува и во случајот Шиповиќ, Судот да постапи и одлучи согласно законот и доказите а не по политички диктат на власта. Воедно бараме Шиповиќ и останатите обвинети да се бранат од слобода.Она што СДСМ го кажуваше, власта велеше дека го измислуваме. Сега власта е демантирана директно од Вашингтон, рече Манчевски.
Според него цел свет ја слушна вистината за Македонија: партизираното судство, воспоставената контрола врз медиумскиот простор, владина корупција, селективна правда. Бараме судиите да и откажат послушност на власта и да го спасат угледот на Македонија.




