Oдредени медиуми сакаат да направат дополнителна паника, и мислам дека треба да зборуваме најдиректно, а не од околу. Курир, Република и Нетпрес, ова се координирани извори на лажни вести, финансирани од еден центар на економска моќ којшто се наоѓа во Будимпешта и којшто ја има под целосна контрола и партијата ВМРО-ДПМНЕ, изјави денеска министерот за информатичко општество и администрација, Дамјан Манчевски, одговарајќи на новинарско прашање дали е точно дека власта крие дека се очекува силна економска и здравствена криза, како што веќе објавиле одредени медиуми.
„Апсолутно не постои долна граница под која што не може да паднат ниско, овие квази медиуми. Апелирам до другите медиуми во државата да не потпаѓаат на овие влијанија, да не ги шират овие лажни вести и во оваа прилика би сакал уште еднаш да се заблагодарам за одговорното однесување на сите останати медиуми во државата во однос на коронавирусот. Но, ова заслужува најжестока осуда од страна на сите граѓани“, рече Манчевски.