Врвот на МАНУ ги отфрли обвинувањата на претходниот претседател на Академија кон сегашниот дека ја разнебитува институцијата и оцени дека тие нанесуваат „голема штета“ и се нарушува нејзиниот углед.
Љупчо Коцарев, претходниот претседател на МАНУ, побара оставка од сегашниот, Живко Попов, обвинувајќи дека тој бил дел од „разнебитувањето“ на Академија што се случило во 2025.
Парафразирајќи библиски стих за лажни претседатели, „кои доаѓаат во овча кожа, а однатре се волци грабливи“, Коцарев во текст во „Нова Македонија“ му порача на Попов да си замине „за доброто на МАНУ“. Коцарев вели дека состојбата во 2025 била „анархија, самоволие и безизлез, за што исклучиво е виновен претседателот на МАНУ“. Тој наведува дека имало огромен број нелегални дејства што ги потпишал претседателот на МАНУ во 2025.
Претседателството го осуди и го оцени како непримерен ваквиот настап преку текст во весник, невообичаен во досегашните 58 години постоење на МАНУ, особено затоа што потекнува од поранешен претседател и сегашен член на претседателството, се вели во соопштението од МАНУ.
Претседателството со индигнација во целост ги отфрла изнесените наводи во написот како неаргументирани и невистинити и дава целосна поддршка на работата на претседателот на МАНУ, акад. Живко Попов. Академик Коцарев очигледно не ги почитува одлуките на претседателството донесени со мнозинство и бидејќи не успева да ги наложи своите погледи, ги изнесува во jавност без секаква логика и оправданост.
Акад. Љупчо Коцарев како член на претседателството на МАНУ секогаш имал и има можност во согласност со статутарните процедури, да ги изнесува своите ставови во телата на Академијата доколку во нив редовно учествува и да ги брани во духот на аргументираниот дијалог и расправа, која прилега на институција како што е МАНУ – највисока научна и уметничка институција во државава, се вели во соопштението.




