Меѓународната јавност јасно става до знаење дека Заев треба да остане на функцијата, иако ја почитуваат неговата одлука. Но, најважно им е државата да е стабилна и да има сигурни институции кои даваат резултати, а тоа се овозможи со новото парламентарно мнозинство, изјави министерот за правда Бојан Маричиќ во гостување на ТВ24.
Тој додаде дека во СДСМ има демократски процес за избор на претседател и секој член има право да одлучува.
– Во недела ќе имаме избори во СДСМ, а јас јавно давам поддршка на Димитар Ковачевски, бидејќи потребно ни е единство и одговорност. Ако се обединиме за заедничка цел да победиме на наредните избори имаме шанса за тоа. Ни треба стабилен период во СДСМ, бидејќи имаме доволно време до парламентарните избори да испорачаме видливи резултати за граѓаните. Ни треба најважниот избор за консолидирање. Јас сум на располагање на новиот лидер и во партијата и во Владата, но тоа е прашање до новиот лидер, истакна Маричиќ.