Министерот за правда Бојан Маричиќ најави “лов” на “крупните риби” вмешани во корупција кои досега ја избегнуваа правдата.
“Во случаите на висока корупција ние имавме видливи разлики во определени случаи. Имавме случаи на висока корупција коишто беа експресно решени, имаме случаи коишто се уште не се решени или се влечат подолго време. Јас како Министер за правда тука го гледам граѓанскиот интерес, во интерес на граѓаните да имаме ефикасен систем на правда коишто ќе влее доверба, особено во случаите на висока корупција. Значи крупните риби со „народен јазик“ можат навистина да се соочат со одговорност и со Законот, изјави Маричиќ.
Во гостувањето на ТВ Телма тој најави и промени во Законото за кривична постапка со цел да се отстранат елементите кои беа злоупотребувани за одолговлечување на постапките.
Маричиќ рече дека постапката веќе е отворена, но бидејќи се работи за закон за кој е потребно двотретинско мнозинство парламентот, тој изјави дека „се надева“ дека ќе бидат усвоени промените.
Според него, работната група веќе работи, но дека тој процес нема да се заврши за кратко време.
„Сакаме да оставиме една трага и со новиот Кривичен законик и со измените на Законот за кривична постапка, каде навистина ќе бидат отстранети сите слабости во едниот и во другиот, и тоа ќе овозможи и граѓаните да почувствуваат поголема достапност до правдата и до судовите, но и судовите и обвинителите да можат попрофесионално, поодговорно, поотчетно да ја завршат својот дел од работата“, рече Маричиќ.