Предложени се измени на Законот за граѓанска одговорност за навреда и клевета, според кои новинарите ќе плаќаат максимални 400 евра отштета за клевета и навреда по изгубен судски спор, за разлика од досегашното решение, каде оваа сума изнесуваше 2 000 евра, информира министерот за правда, Бојан Маричиќ.

– За уредниците, надоместокот на штета немa да биде поголем од 2 000 евра, а за правното лице пак, од 15 000 евра, износот се намалува на максимални 5 000 евра отштета, додава министерот. Со овие измени, како што рече министерот се става крај на можноста за насилствата врз новинарите. Пракси кога новинарите беа заплашувани, уценувани, затворани, неформално осудувани на живот во постојан страв од политичката и институционалната одмазда поради професионалното извршување на својата работа. Воедно со измените на законот што ги предлага миинистерството за правда се воведува ново дело наречено „демнење“, за кое ќе се предвидува парична или казна затвор до три години.

– Очекувам на ваков начин да се стави крај на случаите како што беше Јавна соба, каде беа споделувани експлицитни фотографии од млади девојќи и жени. Тој што неовластено ќе следи, прогонува или на друг начин ќе се меша во личниот живот на друго лице, или со него воспоставува или се обидува да воспостави несакан контакт со движење во просторот каде се наоѓа тоа лице, со злоупотреба на личните податоци, со користење на средства за јавно информирање и други средства за комуникација, или на друг начин психички ќе го злоставува, вознемирува или застрашува ќе се казни парично а може и да добие затворска казна до 3 години, вели министерот.