На само четири дена пред почетокот на судскиот процес, родителите на младите кои трагично ги загубија животите во пожарот во кочанската дискотека „Пулс“ најавија голем граѓански марш за правда, што ќе се одржи на 15 ноември во Скопје, со почеток во 12 часот и 5 минути.
Маршот ќе започне од Плоштад Македонија, ќе продолжи пред Собранието, а ќе заврши пред Основниот кривичен суд во Скопје, каде што родителите ќе побараат институциите конечно да превземат одговорност и да обезбедат правда за нивните деца. Тие низ солзи и со длабока болка повикуваат во сабота масовно да се излезе на скопските улици.
Болката е наша, но борбата мора да биде заедничка. Нашето прво доаѓање во Скопје беше крик за видливост. Тогаш марширававме сами, додека градот молчеше. Сега ве повикуваме сите да дојдете — без посредници, без лаги, без манипулации. Ние сме родителите на ангелите и за нас единствено што остана е борбата за правда – порачуваат тие и потсетуваат дека во изминатите речиси осум месеци од трагедијата одржале триесеттина маршеви во Кочани, но, како што велат, тоа не било доволно за да ги разбуди институциите.
Од Здружениет на граѓани 16-ти Март 2025 велат
Свесни сме дека патот до вистината ќе биде долг и тежок, исполнет со отпор и искривени намери. Но, ако застанеме еден до друг, системот нема да има друг избор освен да постапи онака како што бара народот. Веруваме дека Македонија има совест, дека знае да се сплоти кога најмногу боли.
Според најавите, маршот на 15 ноември ќе биде симбол на сплотеност, тишина и достоинствен отпор против неправдата која трае повеќе од седум месеци. Родителите нагласуваат дека ова не е политички собир, туку повик на совеста на секој граѓанин кој верува во правдата и човечноста.

