Третиот екстерен предмет, кој за годинашните матуранти ќе биде по избор, од идната година ќе биде задолжително математика за гимназијалците, а по две години и за матурантите од средните стручни училишта. За уметничките, остануваат мачин јазик и странски или естетика/филозофија, а ќе се воведе историја.
Новина е и тоа што екстерните предмети од државната матура во јуни ќе се полагаат електронски, освен есејот во мајчин и во странски јазик или текстуалните задачи во математика. Интерниот испит и натаму ќе се полага писмено.
Новините денеска ги соопшти министерот за образование и наука Спиро Ристовски, кој смета дека на овој начин ќе се зголеми објективноста во оценувањето и ќе се обезбеди поправедна и поквалитетна селекција на кандидатите за упис на факултет.
– Цениме дека е неопходно математиката да биде задолжителен предмет, затоа што тоа е материја малку видлива, но многу практична и ефективна во секојдневниот живот. Особено значајна за младите кои се определуваат за техничките струки… Во сите меѓународни пракси и истражувања јасно е покажано дека земјите кои силно се фокусирани на математиката во кој било сегмент од образованието, имаат многу поквалитетни резултати, истакна Ристовски на прес-конференција.




