Нема термини за вакцини против сезонски грип. Револтирани и гневни матичните лекари велат дека на крајот од неделата, во петокот кога се пуштиле термини преку „Мој термин“ наместо да прегледуваат пациенти, цел ден ги „ловеле“ за да можат да им закажат на  своите пациенти. Но, никој не успеал да закаже на повеќе од двајца пациенти, а некои дури ниту на еден.

„Цел ден„ ловевме“термини за вакцинација. За три минути беа зафатени сите. Успевме да закажеме само за двајца пациенти, а на списокот имам 60 пациенти. Се пуштаат мал број на термини и пацинетите реагираат, со право. Кога ќе се вакцинираат, ако не сега. Под голем стрес сме, под притисок на пациентите кои не обвинуваат нас бидејќи не можат да дојдат до термини за вакцинација“, изјави за НОВА, д-р. Бранислав Ивановски од ПЗУ„Д-р. Бране“ од Куманово.

Во Куманово има 105 матични лекари. Повеќемина реагираа до редакцијата на НОВА заради ваквата ситуација. Се јавија и матични лекари од Скопје и од други градови во државата. Тие велат дека вакцините се пуштат етапно по десеттина за стари лица, па за хронични болни, за бремени жени, за деца до шест години, за здравствени работници.

Доктор Ивановски вели дека во Куманово треба да се пуштат најмалку 6-7 000 вакцини за да можат да се вакцинираат ризичните групи. Тој вели дека сега со пандемијата со коронавирус, потребата за вакцини против грип е зголемена за 300 посто.

„Вакцинацијата требаше да се случи во октомври. Не знам зошто толку се доцни. И вака како што пуштаат по малку термини кога луѓето ќе се вакцинираат, кога стекнат имунитет. За да се создаде имунитет потребни се најмалку шест недели. До тогаш и грипот ќе помине“, потенцира доктор Ивановски.

Лекарите велат дека пациенти бараат и да купат вакцини, но нема ниту комерцијални. Притисокот е огромен.

„И јас успеав само на двајца да закажам. Голем е притисокот од пациентите, нас не обвинуваат затоа што не можат да дојдат до вакцини против грип. Главниот удар е врз матичните лекари. Никој од надлежните во ниту еден момент не застана зад нас, ниту со заштитни маски и ракавици, ниту со протоколи, вели маична лекарка од Скопје, која сакаше да остане анонимна.

Доктор Фатмир Асани кој е координатор за примарна здравствена заштита, вели дека во неговата поликлиника не успеале да најдат термин,  за ниту еден пациент за оваа недела.

„Имавме тежок случај, итен пациент и во моментот кога ги пуштиле термините не успеваме да закажеме. За три минути веќе беше готово, немаше ниту еден термин за вакцини. Се обвинуваме со колегите, се расправаме -некој успеал да закаже, некој не. Притисокот е огромен, пациентите се револтирани“, вели за НОВА, д-р Фатмир Асани од ПЗУ „Медикус РУ“, кој е и координатор за примарна здравствена заштита.

Покрај за вакцините, незадоволството на матичните лекари се однесува и на неможноста да ги упатуваат пациентите со Ковид да направат неопходни анализи на крвта, како Д-димери, ЦРП и слично. Наместо тоа тие ги праќаат на специјалист инфектолог или интернист каде што чекаат ред како пред банка, одат на закажано, губат време, наместо за тоа време да се лекуваат.

„Треба да ни овозможат специјалистички лабораториски упат со кој директно ќе ги упатуваме пациентите со Ковид да ги направат неопходните анализи за да можеме да ја следиме нивната здравствена состојба и да даваме терапија. Ние цело време од кога почна пандемијата го бараме тој упат. Вака мораме да им закажуваме на специјалист па тој да им даде упат да ги направат анализите зашто ние немаме право на тоа,“ објаснува доктор Асани.

Потоа, вели тој проблем е, доколку е потребно да се дава Клексан повторно ги упатуваме на трансфузиолог(кој во Куманово го нема, па се чека да дојде од Скопје) бидејќи ФЗО не им ги рефундира парите доколку им препише матичен лекар.  објаснува доктор Асани.

Тој и останатите лекари велат дека многу работи се поставени обратно или не се регулирани како што треба, а пациентите само се малтретираат непотребно. Но, хаосот што се создаде со вакцините против сезонски грип создаде многу револт и посебно ги збуни граѓаните.

 

 

Вакцините против сезонски грип ги набавува Министерството за здравство. Освен што доцна се набавени, наместо во октомври и се даваат сега при крај на ноември, тие не се достапни на ризичните групи кои треба да ги примаат преку матичен лекар.

Во Министерството за здравство велат дека набавиле 40.000 дози на четири типни вакцини против грип, наменети за бесплатна вакцинација на ризичните групи. Од таму потенцираат дека во споредба со минатата сезона кога биле набавени 28000 дози на вакцини, оваа година за околу 40 проценти се зголемени количините.

За разлика од лекарите кои реагираат и се жалат дека од „Мој термин“ не пуштаат доволно термини за вакцини, од ресорното министерство велат дека термини има доволно и вакцините се достапни до сите граѓани.

„Вакцините се достапни за граѓаните. Термини кон матичните лекари се пуштаат секој петок за спроведување на вакцинација во следната недела. Минатата година термините беа креирани за вакцинација на 5 минути, но оваа година истите се креираат на 10 минути, поради запазување на мерките за превенција од КОВИД-19“, велат од Министерството за здравство.

Во однос на тоа што вакцините се набавени доцна, од таму велат дека оваа година поради зголемената побарувачка на вакцини против грип на светско ниво, посебен предизвик било да се набават вакцините, посебно за мал пазар како што е нашата држава.

Што се однесува до специјалистичките упати за анализи за крв на болните од Ковид, во Министерството за здравство велат дека матичните лекари издаваат упати за лабораториски анализи, за крвна слика, ЦРП, меѓутоа кога се работи за поспецифични крвни или друг тип анализи мора да се консултира специјалист, бидејќи тој ја ординира таквата терапија.

По се ова изнесено до ресорното министертво останува нејасно зошто пациентите и матичните лекари не можат да дојдат до термини за вакцини против грип.

Во ваква ситуација граѓаните не се во можност ниту да купат комерцијални вакцини кои ги набавува исклучиво Центарот за јавно здравје. И тие се потрошиле веднаш, а биле набавени 2000 вакцини.

“Вакцините се француски од Пастер. Порачавме 4000 дози, но добивме само 2000 кои веднаш се потрошија. Очекуваме кон крајот на месецот да стигнат и другите 2000 вакцини по цена од 800 денари. Интересот е голем заради ситуацијата со коронавирусот. Минатата година фрливме 510 вакцини, од 4000 набавени“, изјави д-р Александар Стојанов, директор на Ценатрот за јавно здравје.

Од две различни страни, ресорното министерство и матичните лекари стигнуваат различни спротивставени изјави. Меѓу граѓаните владее незадоволство и револт бидејќи годинава не успеале да се вакцинираат, а спаѓаат во ризичните групи. Списоците со по 60-80 пациенти по матичен лекар, кои чекаат да се вакцинираат останаа за наредната недела кога не се знае кои од нив ќе имаат среќа за матичните лекари да им закажат термини. Не се знае ниту до кога закажувањето ќе оди етапно бидејќи пикот на сезонскиот грип е обично при крај на декември, а лекарите се скептични дека имунитет дотогаш тешко дека ќе се создаде.