Медијаторот на ОН, Метју Нимиц, денеска во Скопје на консултации со државниот врв во изнаоѓање на решение за спорот околу името.
Предлогот на медијаторот Метју Нимиц предвидува името Горна Македонија да се користи додека траат преговорите за членство, а откако ќе завршат граѓаните на Македонија на референдум ќе треба да се изјаснат по две прашања; дали се за членство во ЕУ и за прифаќање на името Горна Република Македонија. Позитивниот одговор на ова прашање ќе значи дека Горна Република Македонија станува и уставно име веднаш штом земјата стане членка на ЕУ.
Ова е накусо резимето на најновиот предлог околу кои се доближија двете страни во преговорите, велат извори за НОВА.
По средбите во Атина, Нимиц, информира дека состанокот со Венизелос бил многу конструктивен и оти „јасно ги сфатил позициите на грчката Влада“.
– Тој ми кажа со што се согласува грчката страна, со што не се согласува и каков вид промени се прифатливи за грчката страна. Венизелос беше многу јасен во коментарите – рече Нимиц и додаде дека сега сè јасно разбрал.
– Ова се тешки преговори и сметам дека е многу важно секоја страна целосно да ги сфати ставовите на другата страна и потоа, се надевам ќе се доближиме. За мене е најважно да продолжи дијалогот, и со тоа, се надевам ќе бидеме сè поблиску и поблиску до взаемно прифатливо решение – истакна вчера Нимиц.
На новинарско прашање дали се точни информациите дека неговиот последен предлог е „Горна Република Македонија“, медијаторот рече дека никогаш не открива за какви предлози станува збор.
– Понекогаш она што е објавено во медиумите е точно, понекогаш не е – истакна Нимиц и повтори дека нема да ги коментира предлозите.




