Серолошките тестови земени, преку антитела во крвта кои прикажуваат дали имало присуство на КОВИД-19, од 210 вработени во болницата во Куманово, кај двајца покажале позитивен наод.

„Тие се асимптоматски случаи, но дополнително ќе им биде земен брис и се во изоплација, потврди министерот Филипче. Во кумновската болница веќе има 30 тина вработени кои се позитивни на КОВИД-19.

И во тетовско Боговиње има тројца заболени здравствени работници, а 156 луѓе од овој регион се во изолација. Министерот нагласи дека ситуацијата, таму е под контрола.

Три лекарки од Клиника за пулмологија се позитивни на коронавирус. Две од нив немаат симптоми, а едната е со гастроинтестинални симптоми. Таму досега се заболени седум здравствени работници, потврди директорот, Дејан Докиќ.

НОВА го праша министерот Филипче, зошто толку се заразуваат медицинските лица кога постојано тврди дека имаат доволно заштитна опрема, а имале и видео обука организирана преку Министерството за здравство.

„Точно е дека има доста заболен медицински персонал и секојдневно заболува. Има повеќе сценарија за тоа, некои се дека не знаеле дека некој пациент е позитивен на коронавирус, во други случаи тестот се покажал негативен, трети заболуваат од дома“, изјави Филипче.

Од тие причини и кумановската болница кубири со персонал. Филипче рече дека таму се прави реорганизација и доколку е потребно ќе се пратат лекари од Скопје.