автор:Теофил Блажевски
Не е вообичаен процес за медиумите во една земја да се водат преговори на „зелена маса“ меѓу политичките елити, плус со помош од меѓународни медијатори. Но, токму тоа се случува во Македонија. Надвор од институциите, двете најмоќни партии во земјата преговараат генерално за медиумите, за законите што ја регулираат оваа сфера, за регулаторното тело, за Јавниот радиодифузен сервис… Со тоа, тие едногласно ја признаваат „супстандардноста“ кога станува збор за медиумите, за слободата на изразувањето и за правото на јавноста да биде информирана.
Но, како што вели професор д-р Сефер Тахири , „ненормалноста“ е всушност нормална. Затоа што токму политичарите и нивните политики доведоа до оваа „ненормалност“ која владее над две децении, а последнта деценија откако на власт е ВМРО ДПМНЕ и Владата на Никола Груевски, слободата на изразување во Македонија е загрозена, а медиумските слободи се на толку ниско ниво, што можат да се споредуваат единствено со недемократските режими или земји од третиот свет кои се во повој во областа на човековите права.
Покрај тоа загрозена е и слободата на новинарите во извршувањето на нивната основна функција – да известуваат. Цензурата е видлива и нашироко се зборува за неа, но, уште повеќе автоцензурата, која е потврдена и со кредибилни анкети меѓу самите новинари.
Низа релевантни домашни и меѓународни организации кои се занимаваат со степенот на медиумски слободи ова го имаат констатирано во своите бројни извештаи, но исто така и низа релевантни меѓународни институции, меѓу кои Организацијата за безбедност и соработка во Европа (ОБСЕ/ОДИХР) и Организацијата на Обединетите Нации (ООН).
Првите извештаи за драматично влошување во областа на медиуми и слобода на изразување како едно од темелните човекови права почнаа да пристигнуваат со затворањето на една најгледана и највлијателна национална приватна телевизија (А1 ТВ) и со три дневни весника кои беа во целосна (фактичка, не и формална) или делумна сопственост на сопственикот на телевизијата Велија Рамковски.
Користејќи кривично-правни средства за други предмети, Владата на Груевски де факто ја оствари многу поважната цел – згаснување на телевизијата и стеснување на просторот за критичката јавност кон владините и партиските политики. Од таа 2011 година, состојбите вртоглаво одат надолу, а најцелосен и најтемелен извештај за состојбите, за причините за таквите состојби и за мерките што треба да се преземат поднесе поранешниот специјален претставник за човекови права на генералниот секретар на ОН, Франк Ла Ру, кој во 2013 ја посети Македонија, и прво изготви прелименарен, а веќе во 2014 и целосен извештај.
Многу одамна негативната состојба во медиумската област ја регистрира и ОБСЕ/ОДИХР, кој ги мониторира медиумите и нивната работа за време на предизборните и изборните периоди. Редовно во извештаите се употребуваат зборовите – небалансираност во известувањето, нерамномерно отстапено време за претставување на сите кандидати и пораки што ги испраќаат партиите, критички тон во известувањето за партиите на опозицијата а фаворизирачки за партиите на власта, скриено рекламирање, и друго.
Но, такви констатации изрекуваат и други меѓународни или домашни организации што ги следат медиумите за време на избори.
Конечно, ЕУ во своите годишни извештаи постојано констатира незадоволителни резултати од владините политики во медиумската сфера, а еден од најострите и најкритичните извештаи во оваа област е годинешниот (ЕУ извештај за напредокот на Македонија за 2015 година), каде без ракавици се посочуваат состојбите и виновниците за овие состојби, заедно со препораките што треба да се направи. Впрочем, самиот факт што во извештај од осумдесетина страници, зборот медиуми се употребува над седумдесет пати, е еден симболичен показател за лошата состојба на медиумите.
Медиумите во Македонија одамна не само што не се „седма сила“, ниту пак „четврта власт“, туку се „тигар од хартија“, која е излитен, речиси пред кинење. Тие и такви медиуми, не само што не можат да придонесат за унапредување на човековите права и за контрола на демократските процеси генерално, туку за жал, нанесуваат штета и ги уназадуваат овие процеси (се однесува на влијателните телевизии, весници и он-лајн изданија, кои секојдневно, како продолжена рака на една автократска власт, манипулираат и спинуваат за реалноста во државата).
Законска Рамка и Регулација
Медиумите во Македонија генерално се регулирани и покриени со законска рамка, која според сите досегашни дебати на оваа тема, се добра основа за носење на уште поквалитено законодавство. Она што не беше покриено директно со трите главни закони во кои се опфатени медиумите, се информативните интернет портали, но заблуда е ако некој помисли дека тие се надвор од законодавството, бидејќи подлежат на оценка на други два многу важни закони – Граѓанскиот закон за навреда и клевета и Кривичниот законик.
Сепак, сега „на мала врата“, интернет- порталите се ставени под контрола на Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги (ААВМУ) за време на изборите, па и тие ќе се набљудуваат, исто како и печатените медиуми, а високи казни се предвидени и за нив.
Три главни закони ги покриваат и ги регулираат медиумите. Законот за медиуми, Законот за аудио- визуелени медиумски услуги и Изборниот законик, во делот на правата и обврските на медиумите при спроведувањето на изборите. Првите два се донесени во 2013 и 2014 година, а последните измени на третиот се усвоени пред неколку денови, по преговарачкиот процес под меѓународно посредништво.
Законот за медиуми , генерално се однесува на електронските и на печатените медиуми кои порано не беа регулирани. Според достапните јавни информации од преговорите, партиите биле заинтересирани за промена на овој закон. Извори, пак кои сакаат да останат анонимни велат дека партиите од власта особено се интересирале за прашањето за воведување лиценци за новинари и за воведување на интернет порталите под регулатива на овој закон.
Всушност, станува збор за „стара болка“ на власта, која сака со закон да одредува кој може да биде новинар и да го контролира до максимум и интернет просторот. Во постојниот закон за кој се расправаше во 2013, најголемото здружение на новинарите во Македонија, ЗНМ, успеа да излобира порталите да останат надвор од законот, како и да не се издаваат лиценци за новинари. Сепак во законот остана дефиниција за тоа кој е новинар (чл.2, став 4).
Законот за Аудио визуелни медиумски услуги ги нормира електронските медиуми, вклучувајќи ја и Македонската радио телевизија, како јавен сервис. Станува збор за голем закон, кој до детали ги разработува процедурите, функционирањето и обврските на електронските медиуми и медиумските услуги. Иако овој закон засега не се споменува во тековните преговори на политичарите, во стручната јавност токму делови од него се сметаат за слаба карика, поради што му се потребни измени.
Уште во 2014 година, при спроведување на анкета за законот во рамките на еден проект на „Транспаренси Интернешнл – Македонија“, дел од сопствениците на националните и кабловските телевизии и радија ја посочија преголемата нормираност на законот, во смисла на многу административни обврски, преголеми законски овластувања на претседателот на Агенцијата за медиуми, и процентуално превисоките наметнати задолженија за емитување на домашна играна и документарна програма, како и за емитување на музика од домашна продукција. Последната обврска е наметната со измена на законот во 2014 година.
Станува збор за дополнувањата на членот 92 од законот кој ги обврзува медиумите дека 50 отсто од програмата треба да биде од домашна продукција веќе во 2016 година, при што приватните медиуми треба да произведат и одреден број часови документарна и играна програма. Генерално земено, самата обврска за 50 отсто од програмата да биде од домашна продукција придонесува за зголемени финансиски трошоци на приватните радио-дифузери, а со тоа и нивниот опстанок.
Во таа насока со дополнителен член е обезбеден и надомест што би го добивале медиумите. Но, тука е една и од поглавните забелешки на стручната јавност. Имено, за надомест до 50 отсто од трошоците за производство на програмата решава меѓуресорска комисија во Владата, во која, од седум члена само двајца се стручни претставници, а другите се претставници од министерства.
Сето ова дава широк простор за остварување влијание врз уредувачката политика на медиумите генерално преку доделување финансиски средства за строго определена намена или пак за нелојална конкуренција, со тоа што на одредени медиуми би им биле дадени, а на други не, што пак би им направило проблем во функционирањето. Освен тоа целиот процес во голема мера е нетранспарентен.
Но она што е веќе детектирано како најголема слабост на овој закон се многу малите казни или непостоење на истите за одредени прекршоци, како што е на пример употребата на говор на омраза во програмите. Освен тоа, дел од надлежностите за надзор и спроведување на казнените одредби од законот се нејасно дифузирани меѓу Агенцијата и Програмскиот совет, како во случајот на МРТ.
Порталите пикнати на „мала врата“ во закон!
Оваа слабост е детектирана и кај Изборниот законик, во делот на обврските што ги имаат медиумите во изборната кампања. Зборувајќи неодамна на една меѓународна конференција организирана од Советот за етика на медиумите во Македонија и од Македонскиот институт за медиуми, Емилија Јаневска од Агенцијата за медиуми истакна дека и онака малите казни дополнително се намалуваат со постапката за порамнување.
Па на пример, изречена глоба во противредност од 3.000 евра, со постапка за порамнување (договор меѓу Агенцијата и медиумот) се намалува на 1.200 евра. Таков бил примерот со изречени глоби на пет телевизии на национално ниво за нивните прекршувања во следењето на изборите во 2014 и сите пет пристапиле кон фамозното порамнување, т.е без проблем си ги платиле казните.
Засега е направен обид оваа аномалија да се исправи само во Изборниот законик, во кој се зголемени казните за прекршувањата на медиумите, а се наметнати и други обврски за нив во смисла на отстапено време, забрана за бесплатно рекламирање на политички партии во смисла на донации од страна на медиумите и слично.
Но, она што на некој начин е скандалозно, е тоа што без консултации со пошироката јавност, во овој закон се додадени и интернет медиумите, што пак, не е усогласено со Законот за медиуми, бидејќи во него тие не се дефинирани како медиуми. Во најновата измена на Изборниот законик која веќе стапи на сила, интернет порталите се дефинирани како медиуми. Надзорот врз нивната работа ќе го спроведува Агенцијата, а одредбите кои пропишуваат како треба да се однесуваат медиумите што следат изборна кампања, важат и за нив. Од јавни ценовници за рекламирање на политичките партии, преку избалансирано и урамнотежено известување, до забрана за бесплатно рекламирање на политички субјекти. Воедно, за интернет порталите се пропишани и казни, исто како и за телевизиите и за печатените медиуми.
Сето ова укажува дека при претстојните измени од поширок карактер во врска со медиумите што треба да бидат постигнати до 20-ти ноември годинава, може да се очекува и интернет порталите да бидат регулирани со Законот за медиуми. Ова пак, отвора широк простор за злоупотреба на контролата на која било власт врз интернет просторот, прашање чија регулација не е решена ни во земјите на ЕУ. Да не заборавиме дека интернетот досега беше единствениот слободен простор за изразување во Македонија, кој, колку – толку овозможи слободно критичко размислување на јавноста.
Јавниот сервис НЕ Е „државна куќа“
Една од најслабите карики во целокупниот медиумски систем во Македонија е МРТ, која својата обврска на јавен медиумски сервис ја има претворено во државен, т.е. владин и партиски сервис. Поупатената јавност, но и генерално повозрасната генерација, знае и памети дека вистински јавен сервис во Македонија не постоел никогаш. Политичкото, т.е партиското и владиното влијание во оваа куќа (МРТ) е стара болка која се провлекува некаде од периодот на средината на деведесетите години на минатиот век, а во тие години кулминираше кога пред изборите во 1998 година, без образложение беше укината една од најслушаните радио емисии на Македонското радио – Хајд Парк, која како контактна и дебатна емисија со граѓаните имаше слушаност од над 500.000 граѓани.
Сепак, како никогаш досега, партиското и владиното влијание не било толку многу изразено, со што информативните програми се претворени во владини пи-ар извештаи и предоминантно пренесување на ставови на владејачките ВМРО- ДПМНЕ и ДУИ.
Просторот за реакциите или активностите на опозицијата е симболичен. Дебати и длабински истражувања нема, а што се однесува до следењето на изборите, само на изборите во 2014 година било констатирано извесно подобрување во смисла на доделеното време за партиите и кандидатите, но затоа пак тонот на известувањето останал пристрасен и небалансиран во полза на владеачките партии.
Ваквите практики најдиректно на јавниот сервис, најдиректно ги потврди нејзиниот програмски уредник, Диме Ратајковски кој ги шокираше присутните на јавна расправа за МРТ, изјавувајќи дека МРТ секогаш ќе ги следи и ќе ги брани државните интереси И ДЕКА АКО ДРЖАВАТА ПОБАРА ТИЕ ЌЕ ЈА УГАСАТ МРТ!
Интересно е што законски, работата на МРТ како јавен сервис е многу прецизно и современо определена и тоа според најдобрите практики на европските радиодифузни сервиси, со членовите 110 и 111 од законот, кои ги пропишуваат начелата, стандардите и програмски обврски на куќата. Но, законодавецот, како да сакал да направи конфузија, па надзорот врз спроведувањето на овие обврски е нејасно поделен меѓу Агенцијата и Програмскиот совет, а во казнените обврски на Законот нема ниту збор за неспроведувањето на овие обврски, иако генерално, Агенцијата може да ја одземе лиценцата за сите, вклучително и за јавниот сервис.
МРТ во моментов е исто така на „зелена маса“ на политичарите и меѓународните претставници.
Проблемите за кои тие треба да изнајдат решение се генерално два: како до стабилно финансирање на МРТ (буџетот и е меѓу 20 и 30 милиони евра, при што владата во последниве години учествува со по најмалку околу 7 милиони), и до програма која ќе служи на интересите на јавноста, а не на владата, партијата на власт или на државата.
Во однос на првото прашање постојат генерално два приода – радио дифузна такса, како главен извор на финансирање или буџетот на државата како основен извор.
ЗНМ предлага комбинација и на двете (како што де факто е досега), со тоа што буџетот би бил основен приход. Според овој предлог со закон Владата би ја финансирала секоја година МРТ со по 1 отсто од вкупниот буџет на државата од претходната година, кои поделени на 12 месечни рати автоматски би се слевале во МРТ до 5-ти во месецот. Де факто тоа би значело дека за 2016 година МРТ би имала околу 30 милиони евра сигурни средства и уште десетина милиони од радиодифузна такса, во зависност од ефикасноста на наплатата и од висината на таксата.
Во однос на обезбедување програмска независност и остварување на јавниот интерес, генерално сите се согласуваат дека клучот лежи во Програмскиот совет на МРТ.
„Програмскиот совет бори 13 членови, од кои осум ги избира власта. Тоа е недозволиво“, смета Сефер Тахири, професор по комуникации на Универзитетот на ЈИЕ.
Слично став има и Насер Селмани , новинар и претседател на ЗНМ. Според него, партиите треба да имаат минимален број претставници.
„МРТ е јавен сервис и треба да им служи на граѓаните. Со партиски претставници во него, јасно е дека тоа ќе биде партиски сервис. Оттука, партиите треба и можат да бидат застапени најмногу со 1/3 од членовите на Програмскиот совет“, изјави Селмани.
ЗНМ е вклучено во консултациите за медиумските реформи, а Селмани вели дека „нема попуштање и политички пазар околу слободата на медиумите“.
„Нема да и дозволиме овој пат на политичките партии да го решат проблемот на тој начин што ќе си ги поделат местата во МРТ или во Агенцијата за медиуми. Проблемите се посуштински и таквото решение не е решение“, дециден е претседателот на ЗНМ.
Како да се регулира регулаторот?
Суштинско прашање за медиумите е и регулаторот – Агенцијата за аудио визуелни медиуми и медиумски услуги. Прашањето е како да се регулира нејзината работа, со оглед на фактот што бројни забелешки за загубената независност и злоупотреби на нејзината контролна функција, се нотирани во домашни и меѓународни извештаи.
Во, не толку кратката историја на ова тело, од 1997 до денес, се направени неколку законски измени со кои суштински е сменета неговата работа и е загубена независноста, т.е. остварена е политизација на работењето и одлучувањето. Започна како Совет за радиодифузија со мал број членови и администрација, која требаше експертски да го надгледува и спроведува регулираниот пазар. Од девет, во еден период прерасна на 15-член состав, па се врати на седум.
Концентрацијата на моќта во рацете на вакво партизирано тело, како и на директорот е огромна, имајќи предвид дека носат одлуки за доделување или одземање на лиценци или пак за високи казни за медиумите доколку не се придржуваат до законските одредби, за што добар пример беше Телма ТВ, која лани беше казнета со голема парична казна, затоа што според мерењата на Агенцијата имала отстапување на времето на емитување на домашна музика. Од „Телма“ посочија дека отстапката била само неколку минути!
Членот на сегашниот состав на Советот во Агенцијата, новинарот Зоран Фидановски, тврди дека главниот проблем е форматот и начинот на избирање на претставниците во ова тело.
„Форматот треба задолжително да се смени и од Агенција да се врати во Совет. Покрај тоа, членовите што ги избира Парламентот треба да бидат избрани со двотретинско мнозинство, со цел да се обезбеди нивна што поголема деполитизација и тие да бидат експерти во областа. Освен ова, треба да се прошири и бројот на организации што би биле вклучени во Советот, а одлучувањето да се носи само во советот. Според актуелното законско решение тоа е во рацете на директорот на Агенцијата, со што се концентрира моќ во една личност“, сугерира Фидановски.
Слично мислење имаат и дел од поранешните членови и претседатели на Советот.
Саморегулацијата, он-лајн медиумите и правата на новинарите.
Двете прашања се директно и суштински поврзани. Саморегулацијата во Македонија во медиумската сфера е релативно нов начин на почитување на етичките и професионалните стандарди, која започна со формирањето Советот за етика (СЕММ) во 2014 година и оперативното работење на Жалбената комисија на крајот од истата и во почетокот на 2015 година.
Основачи на СЕММ се повеќе десетици медиуми, меѓу кои се и традиционалните, но бројни се он-лајн медиумите кои изразиле желба да бидат дел од процесот. Оттука, а имајќи ги и предвид и европските искуства, он-лајн сферата не смее и не треба да биде ништо друго освен предмет на саморегулација и на општото законодавство, како што се пред се законите за навреда и клевета и кривичното законодавство.
Сепак како што веќе е евидентно, интернет сферата сега е законски контролирана со Изборниот законик. Јасна е тенденцијата на сегашната власт но и опозиција, по законска контрола да го имаат и интернетот. Тоа пак, може да доведе само до влошување, а никако до подобрување на целосната медиумска слика за Македонија, бидејќи по дефинција, интернетот нуди и значи слободен проток на информации.
Секое друго законодавство од кривично правната и граѓанската сфера може да биде применливо за интернетот, но не и специјално законодавство за интернет медиумите, велат добрите познавачи на оваа проблематика, од кои дел можевме да се слушнат и на неодамна одржаната меѓународна конференција во Скопје, во организација на СЕММ и на МИМ.
Уште едно важно прашање е врзано со слободата на медиумите, а тоа се слободите и правата на новинарите. Без слободни новинари, кои ќе работат без закана за нивната егзистенција и без мобинг од надредените, нема ни слободни медиуми. Ова е основна дефиниција која јасно се истакнува во сите повелби и конвенции, чиј потписник е и Македонија.
Во моментов, единствен кој обезбедува реална заштита за новинарите во Македонија е Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници , за оние новинари кои се негови членови. Но, самиот факт што Синдикатот има во своите редови и „тајни“ членови, доволно јасно зборува каква е атмосферата во поголемите и средно големите редакции кон синдикалното организирање.
Сопствениците на медиумите, едноставно, не се заинтересирани, најблаго речено, да им пружат на нивните вработени права и гаранции во однос на законодавството што го регулира работниот однос, а камо ли и поголеми права од тоа што би се постигнало со пат на социјален дијалог и договарање меѓу работодавачите и синдикатот. Сепак, бидејќи е тоа светски тренд и бидејќи синдикалното организирање е незапирлив процес, јасно е дека и во сферата на медиумите овој тренд ќе стане реалност и за сопствениците на медиумите во Македонија, без оглед колку и да е голем нивниот анимозитет кон тоа во моментов.
Впрочем таков социјален дијалог е еден од условите кои мора да се исполни и според европското законодавство во процесот на пристапување на Македонија кон ЕУ.
* * *
Проблемите со слободата на изразувањето во Македонија, со слободата на медиумите и на новинарите се јасно детектирани. Станува збор за вмешување на политиката (но и на бизнисот и на криминалот) во сферата на слободниот проток на информации и желбата тој процес да биде под контрола.
Најлесен начин како тоа да го сторат е преку контролирањето на текот на парите, преку цврстата узда наметната на регулиран пазар преку контролиран регулатор (Агенцијата) и преку доминација врз Јавниот сервис преку кадровска политика, која потоа продуцира изместен партиски и државен програмски производ, наместо производ од јавен интерес. Сето ова се прави преку неприродна симбиоза на политката со сопствениците на приватните медиуми и преку носење на законодавство во кое со вградени „дупки“ се овозможува таа контрола.
Излезните решенија се јасни: контрола на јавните и партиските пари во медиумите, контрола на сопствениците на медиумите и јасно одвојување на нивната поврзаност со политиката преку други бизниси, средување на состојбите во МРТ преку јасни законски регулативи кои ќе обезбедат независност и од финансиска и од програмска гледна точка, формирање на вистински независен регулатор, слободен интернет простор и саморегулација и максимална заштита за новинарите од аспект на нивната слобода на изразување, но и од аспект на нивните работнички права.
Се разбира, тука се важни и други законски решенија, во насока на пример на отчетноста на политиката, т.е. јавно достапните информации кои мора навистина да станат достапни до секој заинтересиран и до медиумите, како и заштита на дојавувачите, но и на медиумите при доставување на информации поврзани со јавната и приватната сфера, кога станува збор за корупција и организиран криминал.
Дали сето ова ќе се реши на зелената маса на која сега преговараат Груевски и Заев со меѓународна помош? Еден повозрасен аналитичар неодамна рече: во првите двајца, кога станува збор за медиумите и за слободите, не верувам…
Анализата е поддржана од НЕД во рамки на проектот “ Промовирање на аналитичкото и истражувачкото новинарство во рамки на реформите во делот на владеењето на правото”




